Русија лансираше стотици беспилотни летала и ракети кон Киев и други делови од Украина рано во неделата (28 септември) при што загинаа најмалку четири лица и беа повредени десетици, во еден од најдолготрајните напади врз главниот град откако започна целосната војна, јави Ројтерс.
Соседна Полска го затвори својот воздушен простор во близина на два југоисточни града, а нејзините воздухопловни сили ги кренаа авионите како одговор сè додека опасноста не помине.
Украинската војска соопшти дека Русија ноќта лансирала 595 беспилотни летала и 48 ракети, а нејзината воздушна одбрана соборила 568 беспилотни летала и 43 ракети.
Во соопштението се наведува дека главната цел на нападот бил главниот град Киев.
Видете и ова: Русија ги критикува плановите на ЕУ за „ѕид од беспилотни летала“Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека нападот траел повеќе од 12 часа и предизвикал голема штета на кардиолошка клиника, фабрики и станбени згради.
Тој ги обнови повиците до меѓународната заедница да дејствува решително за да ги прекине приходите од енергија на Русија што ја финансираат нејзината инвазија. Украина досега не успеа да го убеди американскиот претседател Доналд Трамп да воведе санкции врз Москва.
„Времето за решителна акција е одамна задоцнето и сметаме на силен одговор од САД, Европа, Г7 и Г20“, напиша Зеленски на Телеграм.
Зеленски рече дека нападот бил насочен кон неколку региони на север, центар и југ, вклучувајќи го и јужниот град Запорожје, каде властите соопштија дека најмалку 16 лица се повредени.
Снимките објавени на социјалните мрежи покажаа дека неколку згради се тешко оштетени и се во пламен во Запорожје.
Службите за итни случаи соопштија дека најмалку четири лица се убиени, додека локалните власти пријавиле дека 67 лица се повредени низ целата земја.