Русија ги критикува плановите на ЕУ за „ѕид од беспилотни летала“

Полска - Пожарникари ја обезбедуваат областа каде се верува дека паднале делови од дрон, веројатно откако бил соборен во близина на Бјала Подласка, Полска, 10 септември 2025 година.

Русија ги критикуваше плановите на Европската Унија (ЕУ) за зајакнување на својата одбрана од беспилотни летала, велејќи дека одговорот на Унијата на неидентификувани беспилотни летала што ги преминуваат нејзините граници само ќе ги зголеми тензиите, јави агенцијата АФП.

Министрите за одбрана од десетина земји од ЕУ на 26 септември се согласија таканаречениот „ѕид од беспилотни летала“ да стане приоритет за ЕУ, откако неколку земји-членки беа потресени од серијата повреди на нивниот воздушен простор од страна на Русија во последните недели.

Видете и ова: ЕУ планира „ѕид против дронови“ поради страв од руски упади во воздушниот простор

Руското Министерство за надворешни работи изјави дека мерките ќе доведат до „зголемени воени и политички тензии на нашиот континент“, според државната новинска агенција РИА Новости, објави АФП.

Министерството додаде дека плановите претставуваат „лични амбиции и политички игри на владејачките елити на ЕУ“.

Шефицата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, првпат повика на „ѕид од беспилотни летала“ во говор на почетокот на септември, неколку часа откако НАТО собори руски беспилотни летала во Полска.

ЕУ, исто така, изјави дека треба да учи од Украина, која се соочува со секојдневни средби со руски беспилотни летала и затоа разви поевтини решенија за нивно пресретнување.

Москва негираше дека го нарушила воздушниот простор на НАТО и го нарече одговорот на ЕУ „хистерија“, велејќи дека руските пилоти ги почитувале меѓународните правила за воздушна навигација и дека нема докази дека беспилотните летала што го преминале европскиот воздушен простор биле руски.