Неидентификувани дронови над најголемата воена база во Данска

Данска - Данската полиција на аеродромот Каструп во близина на Копенхаген, 22 септември 2025 година.

Неидентификувани дронови биле забележани ноќта меѓу 26 и 27 септември над најголемата воена база во Данска, соопшти полицијата, најнови во низата забележани надлетувања што данските власти ги нарекоа „хибриден напад“, јави агенцијата АФП.

Мистериозните набљудувања со беспилотни летала доведоа до тоа да се затворат неколку аеродроми во скандинавската земја од понеделникот, кога беа забележани првите дронови.

„Можам да потврдам дека имавме инцидент околу 20. 15 часот во петокот, што траеше неколку часа. Едно до две беспилотни летала беа забележани надвор и над воздухопловната база Каруп“, изјави дежурниот офицер Симон Скелсјер за АФП.

Тој рече дека полицијата не може да коментира од каде доаѓаат беспилотните летала, додавајќи: „Ние не ги соборивме“.

Видете и ова: Зголемена претпазливост на данско-германската граница по инцидентите со дроновите

Полицијата во истрагата соработува со војската, рече тој.

„Базата Каруп ги дели своите писти со цивилниот аеродром „Мидтиланд“, кој беше кратко затворен иако во тој час не беа закажани комерцијални летови“, рече Скелсјер.

Данската премиерка Мете Фредериксен претходно изјави дека „во последните денови, Данска беше жртва на хибридни напади“.