ЕУ планира „ѕид против дронови“ поради страв од руски упади во воздушниот простор

Патници чекаат во ред за нови билети на аеродромот во Копенхаген на 23 септември, еден ден откако поради прелет на неидентификувани дронови беа прекинати летовите.

Неколку министри за одбрана на Европската Унија денеска, 26 септември, одржуваат итни разговори за „ѕид против дронови“ откако руски беспилотни летала наводно изминативе денови го нарушија воздушниот простор на Полска и Романија, а прелети со дронови привремено затворија и аеродроми во Данска и Норвешка.

За ова прашање состанок преку видеоконференциска врска свика комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус Кубилиус, и на него присуствуваат неколку министри од земји од источното крило на НАТО, како и Данска и Украина. Идејата е да се координираат сензорите, уредите за блокирање и правилата за брз одговор, така што малите, евтини дронови ќе може да бидат откриени и неутрализирани пред да ја загрозат европската цивилна авијација или критичните бази.

Се очекува министрите да разговараат за инфраструктурата и финансирањата кои се потребни за координиран и ефикасен систем за одбрана од дронови по серијата инциденти со дронови во последниот период.

Видете и ова: По упадите на руските беспилотни летала, НАТО ја зајакнува одбраната на источното крило


На 9 и 10 септември, околу 20 руски дронови наводно влегоа во полскиот воздушен простор за време на напад на Украина, што доведе до затворање на аеродромите и полетувања на авиони на НАТО. Неколку дена подоцна, сличен упат пријави и Романија.

На 22 септември, аеродромот во Копенхаген беше затворен неколку часа, а исто се случи и во Осло. Подоцна беше објавено дека беспилотни летала ги попречиле операциите на аеродромите во данските градови Алборг и Билунд. Некои беспилотни летала беа видени и во близина на воени објекти.

Сведоци опишаа дека дроновите имале трепкачки зелени светла, додека властите ја нарекоа оваа активноста „хибридна“ и потенцираа дека изгледа како да е координирана акција без да посочат кој е одговорен.

Западните претставници веруваат дека Москва стои зад активноста, опишувајќи ја како форма на „сива зона“ или хибридно војување. Со користење на евтини беспилотни летала за вознемирување на аеродромите и воздухопловните бази, Русија може да предизвика скапи одбранбени одговори, да вознемирува цивили и да ја тестира ранливоста на одбраната. Сето тоа без да предизвика отворен конфликт.

Данските и регионални медиуми објавија дека рускиот амфибиски јуришен брод од класата Ропух, „Александар Шабалин“, бил снимен од хеликоптер на околу 12 километри од данскиот остров Лангеланд во исто време кога спорните беспилотни летала беа видени во скандинавските земји. На бродот наводно му бил исклучен транспондерот.

Видете и ова: Полска се надева на солидардност од САД по упадот на руските беспилотни летала

Официјални лица јавно не го поврзаа бродот со упадите со дронови, но коинциденцијата со времето и близината покренаа сомнежи дека некои од беспилотните летала можеби биле лансирани од море.

Русија негираше вмешаност.

Експертите велат дека цивилно-воениот воздушен простор на Европа е ранлива зона.
Беспилотните летала за општа употреба или модифицираните дронови можат да полетуваат од копно или море веднаш надвор од заштитените области, накратко спуштајќи се во пристапните коридори на аеродромите или прелетувајќи над базите. На тој начин се создаваат прекумерни нарушувања: пренасочувања, одложувања на летови и безбедносни проблеми.