Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија одржала нова средба во Софија на 25 и 26 септември, соопштија од македонската страна.
Дел од прашањата за кои дискутирале биле новиот учебник по историја за седмо одделение во Северна Македонија, како и заеднички чествувања на одредени историски личности.
„Македонската страна во Комисијата ја претстави новата реалност во историското образование во Македонија, при што на бугарската страна ѝ го достави новиот учебник по Историја за VII одделение. Поради тоа дискусијата по првата точка од дневниот ред беше беспредметна“, пишува во соопштението од македонскиот тим во Комисијата, пренесе државната агенција МИА.
Кога се во прашање евентуални заеднички одбележувања, во соопштението се тврди дека бугарската страна инсистирала на заедничко чествување на одредени личности, според нивната перцепција за т.н. „заедничка историја“.
Видете и ова: Средба има, напредок нема на историската комисија во Софија за заеднички чествувања и учебници за VII одделениеМакедонскиот тим, пак, инсистирал на заедничко одбележување на крајот на Втората светска војна како симбол на победата на доброто над злото.
„И овој пат по дискусијата по оваа тема, до израз дојдоа различните разбирања и позиции на двете страни“, стои во соопштението од македонскиот тим.
Ова беше 37-ма средба по ред на заедничката историска комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија. Следната треба да се одржи во првата половина на ноември, во Скопје.
Комисијата беше формирана според Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што на 1 август 2017 го потпишаа Скопје и Софија и во неа двете држави имаат по седум члена.
Пред една година од македонска страна беа сменети најголем дел од членовите откако на претходните им истекоа мандатите во септември 2024 година.
Промената во македонскиот тим дојде и по смената на власта во Северна Македонија по изборите во мај 2024 на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, која потоа формираше Влада заедно со ЗНАМ и коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН).
Видете и ова: Историската комисија со Бугарија со нови луѓе ќе се справува со стари политички проблемиИнаку, откако беше потпишан Договорот за добрососедство, Република Бугарија во ноември 2020 стави вето за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.