Објавата на американскиот претседател Доналд Трамп за значително зголемување на царините за лекови и други производи предизвика негодување кај некои сојузници, при што ЕУ тврди дека нејзината фармацевтска индустрија има имунитет врз основа на претходен трговски договор.
Објавата, дадена доцна на 25 септември, која вклучува 100-процентна царина на фармацевтски производи, претставува најстрога трговска политика на претседателот од април минатата година, кога беа воведени „реципрочни“ царини за речиси сите трговски партнери на САД низ светот.
Почнувајќи од 1 октомври, „ќе воведеме 100% царина на секој брендиран или патентиран фармацевтски производ, освен ако компанијата НЕ ГРАДИ своја фармацевтска фабрика во Америка,“ напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.
Европската Унија денеска соопшти дека јулскиот договор со Вашингтон ја штити Унијата од царини повисоки од 15 проценти за нејзиниот извоз на лекови.
„Оваа јасна, сеопфатна горна граница на царина од 15 проценти за извозот на ЕУ претставува осигурување дека нема да се појават повисоки царини за европските економски оператори,“ рече портпаролот за трговија на ЕУ, Олоф Гил.
Видете и ова: Трамп објави дека САД и ЕУ постигнале трговски договорЕдна европска фармацевтска индустриска група предупреди дека царините на лекови би „создале најлошо можно сценарио.“
„Царините ги зголемуваат трошоците, ги нарушуваат синџирите на снабдување и ги спречуваат пациентите да добијат животоспасувачки третмани,“ изјави генералната директорка на Европската федерација на фармацевтски индустрии и асоцијации, Натали Мол.
Последниот потег на Трамп беше критикуван и од сојузникот Австралија, која во 2024 година извезла фармацевтски производи во вредност од околу 1,35 милијарди долари во САД, според базата на податоци Comtrade на ООН.
Австралискиот министер за здравство, Марк Батлер, изјави дека повисоките стапки „не се во интерес на американските потрошувачи особено имајќи предвид колку нивните извозници во Австралија имаат корист од тој слободен пазар.“