Мицкоски најавува „македонска резолуција“ за заштита на националните интереси

Претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва најави дека по завршувањето на локалните избори неговата партија ќе предложи „македонска резолуција“ која ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси.

Мицкоски изнесе критики за предложената Резолуција на СДСМ денеска од претседателот на опозициската партија Венко Филипче, посочувајќи дека во неговиот предлог за преамбулата се содржани неточни факти и, како што рече, „монструозни лаги“.

„И ние како ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна државотворна партија ќе направиме една вистинска резолуција. Еве како подлога ќе ја искористиме оваа резолуција и преку собраниските комисии после завршувањето на локалните избори ќе формираме т.н. македонска резолуција која што ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси. Нешто што, за жал, за СДСМ видовме дека во минатото не постои, а мене ми е жал што и овој претседател на СДСМ како и неговите двајца претходници продолжува по таа патека“, изјави Мицкоски.

Видете и ова: Уставните измени да завршат до 10 февруари, а за идентитетските прашања да не се преговара

Премиерот посочи дека немал доволно време да навлезе во детали за документот на СДСМ, но дека му паднале во очи точките во преамбулата, кои според него, не се точни.

„Да речеме, се обидува да се негира историски факт дека македонскиот јазик бил официјален јазик во ОН во 2019 година. Тоа е монструозна лага, особено во годината кога славиме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик и неговото примање во ОН“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека има и други неточности, вклучувајќи ги датумите за почеток на преговорите со ЕУ, како и конфузијата во однос на копенхашките критериуми и билатералните договори со Грција и Бугарија.

Денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, презентираше предлог Резолуција за продолжување на европскиот пат на Северна Македонија, која предвидува национален консензус за уставните измени и временска рамка за одблокирање на преговорите со ЕУ.