Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска изјави дека разговарала со високата претставничка на Европската Унија (ЕУ), Каја Калас, за најновите случувања во Косово и регионот.
Османи се сретна со Калас во Њујорк, каде што побарала ЕУ да ги укине своите казнени мерки против Косово.
„Интеграцијата на Косово во ЕУ останува еден од нашите главни национални приоритети. Во овој дух, ја повторувам потребата од укинување на неправедните мерки на ЕУ против Косово, кои им штетат на сите наши граѓани, без исклучок“, рече Османи.
ЕУ ги воведе мерките против Косово во 2023 година по зголемените тензии на северот од земјата, тврдејќи дека Косово не прави доволно за да ги намали тензиите во регионот со мнозинско српско население.
Видете и ова: Османи вели дека имала „суштински“ разговор со американскиот државен секретарЗа време на посетата на Косово во мај, Калас изјави дека започнал постепен процес на укинување на мерките.
Таа во тоа време не објасни кои мерки можеле да бидат укинати досега, но РСЕ од свои извори во Брисел дознава дека укинатите мерки се однесуваат на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), првиот договор меѓу Косово и европскиот блок, и Инвестициската рамковна стратегија за Западен Балкан.
Косово долго време се стреми кон членство во ЕУ, но останува единствената земја од Западен Балкан која сè уште нема статус на кандидат.
Апликацијата за членство на Косово, поднесена во декември 2022 година, сè уште не е разгледана.
Во меѓувреме, Османи отпатува во Соединетите Држави оваа недела, каде што одржа и состаноци со други официјални лица на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Во среда, таа рече дека имала „суштински“ разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио.