Молдавскиот олигарх Владимир Плахотњук е екстрадиран во Кишињев за да се соочи со долги кривични обвиненија, на само неколку дена пред клучните парламентарни избори за кои веќе има обвинувањата за руско мешање.
Плахотњук, кој е поврзан со децениски случај на банкарска измама познат како „грабеж на векот“, пристигна во молдавскиот главен град на 25 септември откако беше екстрадиран од Грција, каде што беше притворен од јули.
Тој е главен осомничен во долготрајната истрага за исчезнувањето на околу 1 милијарда долари од банките во малата, осиромашена поранешна советска република во 2014 година. Сумата, наречена „кражба на векот“, беше проценета на околу 12 проценти од вкупниот бруто домашен производ на земјата.
Плахотњук се бореше против обвинувањата со години. Се очекува тој прво да се појави пред судот во Кишињев на 26 септември.
Пристигнувањето на бизнисменот во Молдавија доаѓа во време кога земјата се подготвува за парламентарните избори закажани за 28 септември, гласање кое ќе одлучи дали земјата ќе се приближи кон Европската Унија или ќе падне под политичкото влијание на Русија.
Претседателката Маја Санду и нејзината проевропска Партија за акција и солидарност се обидуваат да го задржат мнозинството во парламентот, под силен притисок од политичкиот блок предводен од поранешниот претседател Игор Додон, кој одржува блиски врски со Москва.
Тој ја нарече сегашната демократски избрана влада „криминален режим“.
Видете и ова: Пред изборите во Молдавија, сиромаштијата ги поттикнува антизападните наративиВо говорот оваа недела, Санду предупреди дека независноста на земјата и нејзината иднина со Европа се во опасност, обвинувајќи го Кремљ дека „влева стотици милиони евра“ во земјата за ширење дезинформации.
Исто така оваа недела, молдавската полиција соопшти дека запленила оружје и експлозиви низ целата земја и уапсила 74 лица, обвинувајќи ги за вмешаност во заговор за предизвикување немири.
Некои од уапсените наводно патувале во Србија на обука со руски инструктори, вклучително и обука со огнено оружје.
Иако обвинувањата за кражба на банки го следат Плахотњук со години, тој неколку пати бил член на парламентот како претставник на Демократската партија. Во 2019 година, тој ја напушти земјата, кратко пред да добие кривична покана од молдавските обвинители.
Помина неколку месеци мирно живеејќи во Соединетите Држави и побара политички азил, според тужбата што ја поднесе до американскиот федерален суд. Тоа барање за азил беше одбиено.
Во јануари 2020 година, неговата американска виза беше отповикана откако тогашниот државен секретар Мајк Помпео рече дека неговите „коруптивни дејствија го поткопуваат владеењето на правото и сериозно ја загрозуваат независноста на демократските институции во Молдавија“.