Продолжува лекарскиот скрининг во Трубарево, од 111 прегледани, 11 се упатени на дополнителни испитувања

илустрација

Во Трубарево денеска (25 септември) продолжува дводневниот лекарски скрининг на населението, што го спрроведува Министерството за здравство во соработка со Клиниката за пулмологија.

Според првичните податоци од терен, на двата пункта, вчера во првиот ден се прегледани вкупно 111 лица – 56 лица на Пункт 1 и 55 лица на Пункт 2. Пациентите се генерално во добра здравствена состојба, но кај 11 лица е утврдено присуство на иритации и надразнување во грлото, поради што тие се упатени на дополнителни испитувања во Клиниката за пулмологија, соопшти Министерството за здравство.

Скринингот опфаќа клинички преглед, мерење на пулс, сатурација и проценка на витален капацитет, со цел да се утврди здравствената состојба на локалното населениот по големиот пожар во Трубарево на 13 септември.

Видете и ова: По пожарот во Трубарево потребни се дополнителни испитувања на храната

Министерот за здравство Азир Алиу синоќа во телевизиско гостување, кажа дека граѓаните кои се пратени на дополнителни пулмолошки испитувања се повозрасни.

Алиу апелира сите граѓани кои имаат кашлица, главоболки, отежнато дишење да се пријават за скрининг.

„Целта е да ги опфатиме сите граѓани кои мислат дека треба да поминат скриниг или ако чувствуваат некакви симптоми како кашлица, главоболки, отежнато дишење. Тие граѓани би ги замолил да се пријават уште вечерва за скрининг. Добро е порано да се детектираат здравствените проблеми, за да ги третираме“, истакна Алиу.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Жители на Трубарево се плашат од последиците од пожарот

Според Протоколот, скрининг треба да се направи уште два пати, по три и по шест месеци, за да се види ефектот од загадувањето по пожарот.

Жители на Трубарево се плашат за здравјето по пожарот во рециклаторен центар за отпад. ИЈЗ соопшти дека нема опасни нивоа на тешки метали во почва и радиокативност во вода. На местото каде гореле батерии има зголемено присуство на бакар и цинк.

Во постапката што ја води ОЈО Скопје за овој пожар опфатени се четири лица од кои две се дел од сопственичката и управувачката структура, еден раководител и еден вработен. На нив на 14 септември им беше определен краткотраен притвор од 48 часа, а денеска беше побарано продолжување на мерката. Лицата се осомничени дека „со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад“.

Пожарот во Трубарево избувна на 13 септември, а гаснењето траеше околу 30 часа.