Османи вели дека имала „суштински“ разговор со американскиот државен секретар

Американскиот државен секретар Марко Рубио и косовската претседателка Вјоса Османи за време на нивната средба во САД, 23 септември 2025 година.

Косовската претседателка Вјоса Османи во средата изјави дека имала „суштински“ разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио за време на нејзината посета на САД.

Османи одржа неколку средби со претставници од различни земји, вклучително и од американскиот Стејт департмент, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

„Со секретарот Рубио, суштински разговор синоќа на приемот што го организираше претседателот Трамп“, напиша Османи на Фејсбук, без да даде дополнителни детали за состанокот.

Османи разговараше со Рубио откако односите меѓу Косово и САД претрпеа удар во септември. Вашингтон на 12 септември објави прекин на планираниот стратешки дијалог поради дејствијата на косовската влада, за кои рече дека ги зголемиле тензиите и нестабилноста во земјата.

Видете и ова: Суспендирањето на стратешкиот дијалог на САД со Косово: „Сигнал за дистанцирање“ од Курти

Османи изрази „длабоко жалење и загриженост“ поради одлуката на САД да го прекине планираниот стратешки дијалог.

Се очекуваше Косово и САД да го финализираат договорот за стратешкиот дијалог оваа година, откако Османи објави во јануари дека двете земји постигнале договор.

Привремената влада на Косово, предводена од Албин Курти, ги отфрли критиките на САД, велејќи дека нејзините постапки се „законски и уставни, секогаш насочени кон отстранување на изворите на нестабилност, со цел да се обезбеди долгорочна и одржлива стабилност“.

Курти на 19 септември изјави дека косовската влада има „одредени“ разлики во мислењата со САД, но инсистираше дека односите меѓу двете земји не се оштетени.