Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во говорот пред Генералното собрание на ОН во среда, го обвини рускиот лидер Владимир Путин дека се обидува да ја прошири војната на Кремљ надвор од Украина и ја повика меѓународната заедница да го запре конфликтот за да избегне деструктивна трка во вооружување.
Зеленски, чија земја се брани од руска инвазија од февруари 2022 година, предупреди дека употребата на беспилотни летала и технологија донесе нова димензија на бојното поле.
„Фактите се едноставни: запирањето на оваа војна сега, а со тоа и глобалната трка во вооружување, е поевтино од изградбата на подземни градинки или големи бункери за критична инфраструктура подоцна“, изјави тој на годишниот состанок на светската организација.
„Запирањето на Путин сега е поевтино отколку обидот да се заштити секое пристаниште и секој брод од терористи со морски дронови. Запирањето на Русија сега е поевтино отколку да се прашуваме кој ќе биде првиот што ќе создаде едноставно беспилотно летало што носи нуклеарна боева глава. Затоа мора да искористиме сè што имаме за да го запреме агресорот“, рече украинскиот претседател.
Подемот на беспилотните летала во војната им даде на борбите во Украина уникатен карактер.
Двете страни почнаа да зависат од лансирање беспилотни летала, понекогаш стотици, во бранови за кои експертите велат дека сега сочинуваат околу две третини од смртните случаи на бојното поле.
Видете и ова: Русија вели дека „нема алтернатива“ освен да ја продолжи офанзивата во УкраинаВо последните недели, стравувањата од потенцијална ескалација на конфликтот се зголемија по серијата неодамнешни упади на руски борбени авиони и беспилотни летала во воздушниот простор на земјите од НАТО, вклучувајќи ги Полска и Естонија. Кремљ ги негираше обвинувањата.
Зеленски предупреди дека „оружјето се развива побрзо од нашата способност да се одбраниме“.
„Сега руските беспилотни летала веќе летаат низ Европа, а руските операции веќе се шират низ земјите... Путин сака да ја продолжи оваа војна со тоа што ќе ја прошири, и никој не може да се чувствува безбедно во моментов“, рече тој.
Говорот на Зеленски дојде еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Украина може да ја врати целата своја територија од Русија со помош на своите европски сојузници.
Трамп остро ја критикуваше руската војска, велејќи дека „безцелно се бори три и пол години, во војна во која на вистинска воена сила би ѝ требало помалку од една недела за да победи“.