ЕУ разгледува царини за увоз на руска нафта

Симболот на руската нафтена компанија „Газпром Нефт“, Москва, 4 септември 2023 година

Европската комисија во среда објави дека работи на потенцијално воведување царини за увоз на руска нафта во блокот, по притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп.

Во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН во вторник, Трамп го повтори повикот до европските сојузници веднаш да престанат да купуваат нафта од Русија, наведувајќи дека може да воведе санкции врз Русија за да ги запре борбите во Украина, но дека без слични акции од страна на Европа, „сите губиме многу време“.

ЕУ веќе го намали увозот на нафта од Русија за околу 90 проценти од почетокот на инвазијата на Москва во 2022 година и објави план за постепено укинување на преостанатите купувања до крајот на 2027 година.

Видете и ова: Можат ли земјите од НАТО да престанат да купуваат руска нафта, како што бара Трамп?

Членовите на ЕУ, Унгарија и Словачка - чии лидери се блиски до Трамп, продолжуваат да увезуваат руска нафта преку цевководи и се спротивставуваат на мерките за побрзо запирање на увозот.

Шефицата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, му рече на Трамп на состанокот во Обединетите нации во вторник дека Брисел сака да „воведе тарифи за пратките со нафта што сè уште пристигнуваат во Европската Унија“.

„Ќе презентираме навреме што имаме на ум за ова прашање“, изјави портпаролот на ЕУ, Олоф Гил (Гил), во среда.

Мерката за воведување царини за увоз на руска нафта во ЕУ би барала поддршка само од квалификувано мнозинство од членовите, што значи дека Унгарија и Словачка веројатно нема да можат да блокираат таква иницијатива.