Ние немаме ниту еден функционален радар за полетување и слетување на скопскиот аеродром, вели Александар Тасевски, претседател на синдикатот на контролори на летање при М-НАВ во интервју за Аргумент плус на ТВ 24.
М-НАВ е компанија во државна сопственост, која делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија.
„Радарите кои моментално се користат претежно за прелети, за авиони кои полетуваа и слетуваат, а кои ги гледаме на повисоките висини се радари кои се одалечени од Скопје. Едниот е во Бугарија, другиот е во Грција, а третиот е во Охрид. Од двата радари кои беа лоцирани во скопскиот аеродром, не работи ниту еден. Тоа значи дека авионите на скопскиот аеродром не ги гледаме од земја до некаде 3,5 до 4 илјади метри надморска висина“, вели Тасевски.
Тој објаснува дека во таква ситуација постојат процедури по кои постапуваат, но додава дека не требало да се дозволи да дојде до тоа да откаже и бекап системот.
„Едниот радар, кој е на самата контролна кула е поставен пред 1995 година, па тој е нефункционален и не дава точни податоци, наназад веќе десетина години, требаше да биде сменет, ама за жал тоа не е направено досега. Вториот радар кој е во близина на скопскиот аеродром е монтиран 2000 година, со опремата која се уште ја користиме и тој е тој што сега откажа. Веќе имаме двојно откажување на радарска опрема што не смееше да се дозволи да откаже“, додава тој.
По објавувањето на информацијата дека контролата на летање имаат проблем со радарите, од М-НАВ на 22 септември соопштија дека тие проблеми не влијаат на безбедноста, туку на темпото со коешто се одвива слетувањето, односно на бројот на авиони што можат да се опслужат во еден час.
„Се работи на отстранување на дефектот на еден од радарите на Меѓународниот аеродром Скопје и во моментов тоа нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на авио – сообраќајот“, соопштија од М-НАВ на 22 септември.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тасевски: Инженерите мака мачат да ја држат функционална опремата во М-НАВ
Пред еден месец, Тасевски во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека неколку пати до сега ги известиле надлежните за проблематичната застарена опрема, како и дека поради тоа македонскиот воздухопловен сообраќај губи пари.
„Работата е што веќе нема ни резервни делови многу години наназад за таа опрема, и прашањето е, доколку таа откаже, кој дел ќе откаже и дали воопшто ќе можеме повторно да профункционира. Некогаш, можеби и со само ресетирање, палење и гасење ќе профункционира, меѓутоа некогаш може да не дојдеме во таква ситуација“, изјави Тасевски пред еден месец за РСЕ.
Опозициската СДСМ обвини дека ова не е само технички дефект.
„Ова е последица на насилното вдомување на партиски кадри во една од најважните институции за безбедноста на сите нас. И македонското небото е под ризик од партизацијата која ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ секој ден“, се вели во нивното соопштение.
Видете и ова: Некој нема да лета - директорите или авионитеВладејачката ВМРО-ДПМНЕ возврати со реакција дека СДСМ „намерно креваат лажна паника за наводно нарушена безбедност на скопскиот аеродром“.
„Што се однесува за партизираноста на МНАВ само да потсетиме дека каубојците од ДУИ се тепаа на работно место, а пајташите на СДС вработија 70 партиски војници во оваа институција“, се вели во нивното соопштение.