Данската премиерка Мете Фредериксен во вторник изјави дека мистериозните беспилотни летала што летаа над аеродромот во Копенхаген со часови претходната ноќ, предизвикувајќи затворање на аеродромот, претставуваат сериозен напад врз критичната инфраструктура, јавува новинската агенција Франс Прес.
„Она што го видовме синоќа е најсериозниот напад врз критичната инфраструктура на Данска досега“, изјави премиерката Фредериксен, додавајќи дека нападот се вклопува во неодамнешната серија „напади со беспилотни летала, кршење на воздушниот простор и хакерски напади врз европските аеродроми“.
„Во Данска се соочуваме со голема закана од саботажа. Можеби некој не сака директно да нè нападне, туку да нè стави под притисок и да види како ќе реагираме“, изјави на прес-конференција директор за операции на данската разузнавачка служба ПЕТ, Флеминг Дрејер.
Видете и ова: Данска се соочува со „висока закана од саботажа“ откако беспилотни летала го затворија аеродромотПретходно, данската полиција соопшти дека не знае кој стои зад беспилотните летала, но дека доказите укажуваат на „способен актер“.
Данска, членка на НАТО, сега разгледува дополнителни безбедносни мерки во соработка со сојузниците. Инцидентот предизвика загриженост во рамките на Алијансата, која веќе е во состојба на висока готовност поради слични инциденти во Полска, Естонија и Романија.
По слични инциденти во Полска, НАТО ја започна операцијата „Источна гарда“, која има за цел да ја зајакне одбраната на источното крило на Алијансата.