Министерството за здравство, во соработка со Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија, организира дводневен скрининг на населението во Трубарево, што ќе се одржи утре и задутре, 24 и 25 септември, потврдија за МИА, министерот Азир Алиу и директорот на Клиниката, Оливер Зафировски.
„Скринингот ќе го вршат две екипи од Клиника за пулмологија со две амбулантни возила. Прегледите се наменети за сите заинтересирани од Трубарево и од околните населени места, а особено за лицата кои чувствуваат потешкотии при дишењето или имаат симптоми кои укажуваат на заболувања на дишните патишта, рече министерот Алиу.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Жители на Трубарево се плашат од последиците од пожарот
Предвидено е скринингот да опфати комплетен клинички преглед, спирометрија, ЕКГ и други потребни прегледи.
„Доколку се појави потреба од дополнителни испитувања, тие ќе бидат извршени на лице место или пациентите ќе бидат упатени на Клиниката за пулмологија“, додава министерот Алиу.
Со оваа акција, како што посочи министерот, се овозможува навремено детектирање евентуални симптоми кај населението, со цел обезбедување на потребната здравствена заштита.
Видете и ова: Концентрациите на ПМ10 честички во Трубарево во дозволените границиПо неодамнешниот пожар во Трубарево каде што гореше складиште за електронски отпад, жителите се исплашени за последиците за нивното здравје.
Од Министерствот за животна средина информираа дека концентрациите на PM10 честички во зоната на Трубарево се безбедни и не ја надминуваат законската граница, додека испитувањата и на воздухот и на почвата продолжуваат и натаму.
И според резултатите од Индикативните мерења на суспендирани цврсти честички, во зоната на Трубарево, во периодот 14-18 септември 2025 година, што ги изврши Лабораторијата АМБИКОН при Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, воздухот во Трубарево не е загаден со ПМ 10 честички.
Министерството за здравство на 16 септември соопшти дека во примероците од вода и почва земени по пожарот не биле откриени радиоактивност ниту опасни концентрации на тешки метали. Анализите на Институтот за јавно здравје опфатиле 16 тешки метали и покажале дека резултатите се во рамки на референтните вредности.