Човековите права во Русија се во „сеизмички пад“ поради војната во Украина, вели експертка на ОН

Специјалната известувачка на ОН за човекови права, Мариана Кацарова, вели дека руските власти „спровеле намерна стратегија за сузбивање на неистомислениците“

Резиме

  • Експертка на Обединетите нации извести за сериозното влошување на човековите права во Русија од почетокот на сеопфатната инвазија на Украина во февруари 2022 година.

    Извештајот нотира зголемена цензура, политички мотивирани судења и репресија насочена кон ранливите групи.

    Руските власти користат закони за национална безбедност и „странски агенти“ за да го задушат несогласувањето и да ги замолчат поединечните гласови.

    Извештајот детално ја опишува широко распространетата тортура, родово базираното насилство и гушењето на правата на ЛГБТ лицата, особено на територијата на Северен Кавказ.

Ситуацијата со човековите права во Русија „постојано се влошува“ откако претседателот Владимир Путин ја започна сеопфатната инвазија на Украина во февруари 2022 година, изјави експертка на Обединетите нации (ОН), опишувајќи ја како „драматичен пад“ што особено тешко ги има погодено ранливите групи како малцинствата и мигрантите.

„Во изминатите три и пол години, руските власти спроведуваат намерна стратегија за елиминирање на несогласувањето преку засилена цензура и политички мотивирани прогонства“, изјави Мариана Кацарова, специјална известувачка за човекови права во Русија, во новиот извештај.

„Антивоените противници и активисти издржуваат повеќегодишни затворски казни, не поради злосторства, туку поради храброст“, изјави Кацарова на прес-конференција на 22 септември, за време на заседавањето на Советот за човекови права на ОН во Женева.

Видете и ова: Украина ја повикува Кина да изврши притисок врз Русија, Путин во Пекинг на разговори и парада

Во извештајот таа наведе дека „граѓанскиот простор е систематски и намерно уништен“, а властите „ги претворија јавните институции во инструменти на репресија и војна“.

Кацарова, независна експертка именувана во 2023 година, е една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН. Таа не зборува во име на ОН.

Според извештајот, репресијата имала „особено тежок удар врз ранливите групи, особено жените, ЛГБТ лицата, националните и етничките малцинства, автохтоните народи, верските групи и мигрантите, кои беа посебна цел и жртви во официјалната реторика и практика“.

На територијата на Северен Кавказ дојде до „непрекинато рушење на правниот поредок, што овозможи широко распространети кршења, вклучувајќи родово базирано насилство, фемицид, тортура и злоупотреба, принудни исчезнувања и брутално гушење на правата на ЛГБТ лицата“, се наведува во извештајот.

Руските власти се обидуваат да го задушат несогласувањето во текот на целото досегашно владеење на Владимир Путин. Репресијата се прошири по неговото враќање на претседателската функција во 2012 година, по мандатот како премиер, и дополнително се интензивираше за време на сеопфатната инвазија на Украина.

Видете и ова: ЕУ ги претстави новите санкции и ја обвини Русија за кршење на меѓународното право

Како средства за репресија, Кремљ користи „широки одредби за јавна безбедност и национална сигурност“, како и проширено законодавство кое означи поединци и организации како „странски агенти“ и „непосакувани“, се наведува во извештајот.

Кацарова исто така опиша „широка и систематска употреба на тортура и злоставување“ од страна на припадници на полицијата, армијата и други, нарекувајќи го тоа „ендемска појава“.

Таа посочи „јасен образец во кој здравствените работници учествуваат во и одобруваат форми на тортура, особено врз украинските затвореници“.

„Одговорноста и правдата, како и ослободувањето на сите украински цивилни затвореници, украински и руски воени заробеници кои ги држат двете страни, мора да бидат темел на секој мировен преговарачки процес“, се наведува во извештајот.