Еврокомесарката за проширување, Марта Кос денеска (22 септември) од Сараево порача дека реакцијата на Европската Унија била „цврста и недвосмислена“ во однос на новите „предизвици со неуставното и сепаратистичко законодавство и иницијативи усвоени во ентитетот Република Српска“.
Кос нагласи дека домашните институции, вклучително Уставниот суд и Централната изборна комисија, мора да се почитуваат, и го повика Советот на министри на БиХ веднаш повторно да го започне спроведувањето на реформите.
„Босна и Херцеговина треба да се врати на својот пат кон ЕУ. Земјата не може да си дозволи да губи повеќе време“, изјави Кос.
Еврокомесарка е во тридневна посета на Босна и Херцеговина, каде што првиот ден се сретна со членот на Претседателството на БиХ, Денис Бечировиќ.
Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ не присуствуваа на средбата.
Видете и ова: Еврокомесарката за проширување Марта Кос во официјална посета на БиХПосетата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос се одвива во екот на блокадата на државните институции на БиХ и уставната криза во Република Српска, откако со правосилна пресуда му беше одземен мандатот на претседателот на РС, Милорад Додик, додека тој и понатаму се претставува како претседател.
Во исто време, во РС за 25 октомври е закажан референдум со кој властите во Бања Лука ги оспоруваат надлежностите на високиот претставник Кристијан Шмит и институциите на БиХ, додека ЦИК за 23 ноември распиша предвремени избори за претседател на РС.
Кос во понеделникот се сретна и со претседавачката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, по што потсети на неодамнешните „позитивни чекори“ на БиХ, наведувајќи го „усвојувањето на два релевантни ЕУ-закони во јануари и потпишувањето на договорот за статусот со Фронтекс во јуни“, но предупреди дека тие поместувања нема да бидат доволни без продолжување на реформскиот процес.
Како приоритет, Кос го издвои зајакнувањето на правосудството, усвојувањето на нов закон за судови и нов закон за Високиот судски и обвинителски совет во согласност со европските стандарди, како и назначување на главен оперативен преговарач со ЕУ.
Видете и ова: Пријавување за изборите во Република Српска од 25 септември, кампањата во ноемвриКомесарката, исто така, ги повика сите проевропски политички актери да се обединат со цел да се постигнат конкретни резултати и да се овозможи одржување на долгоочекуваната прва меѓувладина конференција. Таа нагласи дека БиХ итно треба да го финализира и поднесе до Комисијата својот реформски план.
Кос потсети и на можностите од Планот за раст за Западен Балкан, истакнувајќи дека другите земји веќе примаат исплати по спроведени реформи, и дека и граѓаните на БиХ можат да имаат директни придобивки доколку се спроведе Реформската агенда.
Планирана е и средба на Марта Кос со претседателката на Централната изборна комисија на БиХ, Ирена Хаџиабдиќ.
За време на престојот во БиХ, Кос ќе се обрати и пред Парламентарното собрание на БиХ, а ќе се сретне и со претставници на граѓанскиот сектор, медиумите, локалните заедници, влијателни жени во бизнисот и млади од цела Босна и Херцеговина.
Како што е наведено во соопштението од Делегацијата на Европската комисија во БиХ пред посетата, целта на посетата е да се изрази поддршката од Европската унија за иднината на земјата како идна членка на ЕУ.
Босна и Херцеговина во март минатата година официјално доби зелено светло за започнување преговори за полноправно членство во Европската унија, но Брисел порача дека за тоа ќе се разговара дури кога земјата ќе ги исполни низа услови.
Меѓу нив се и усогласување со надворешната политика на ЕУ – што, на пример, значи воведување санкции кон Русија, на што се спротивставуваат претставниците на РС, или укинување визи за државјани на Турција или арапските земји – на што се спротивставуваат владејачките партии од Федерацијата БиХ.
Видете и ова: Потпретседателот на Република Српска ги презема овластувањата од ДодикОтстранувањето на уставната етничко-територијална дискриминација при изборот на членови на Претседателството на БиХ, или реформата на Државниот кривичен суд и Уставниот суд на БиХ, се европски услови кои со месеци воопшто не се спомнуваат.
Брисел порача дека без јасен реформски план – и уште поважно, без негова реална примена – БиХ нема да добие ниту едно евро во форма на неповратни средства или поволни кредити.
Првите 108 милиони евра, од околу една милијарда евра наменети за БиХ, летово беа пренасочени кон други земји.
Во октомври, БиХ би можела да загуби приближно исто толку средства, а Европската комисија јасно порача дека финансиската помош е наменета за оние што напредуваат, а не за оние што стојат во место или назадуваат.