Иран погубил повеќе од 1000 луѓе за девет месеци

илустрација

Повеќе од 1000 луѓе биле егзекутирани во Иран во првите девет месеци од 2025 година, покажуваат податоците од последниот извештај на организацијата за човекови права „Хенгав“ (Hengaw).

„Хенгав“ соопшти дека 404 од егзекуциите се извршени откако во јуни изби војната меѓу Иран и Израел. Тоа претставува зголемување од 40% од почетокот на војната, „што е највисок скок во последниве две децении,“ се наведува во соопштението.

„Никогаш досега егзекуциите не ја надминале бројката од 1000 за толку краток период,“ додава организацијата.

До крајот на август, Обединетите Нации веќе регистрирале 841 егзекуција од почетокот на годината, што претставува остар пораст во споредба со претходните години.

Видете и ова: ОН: Повеќе од 800 лица егзекутирани во Иран годинава

Според податоци на Обединетите Нации, во 2024 година во Иран биле извршени најмалку 975 егзекуции.

Ова укажува дека бројот на погубувања годинава би можел да достигне највисоко ниво во изминатите децении.

Групите за човекови права одамна ја критикуваат употребата на смртната казна во Иран, обвинувајќи ги властите дека ја користат за заплашување на опозицијата.

Израел и Иран водеа 12-дневна војна во јуни, за време на која израелските и американските сили бомбардираа клучни ирански нуклеарни и воени објекти.

Според активисти, најмалку осум мажи обвинети за шпионажа биле погубени во Иран од тогаш.