Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика Вашингтон да воведе „силни“ мерки против Русија откако Европската Унија се приближи кон заострување на санкциите врз Кремљ и поради зголемените тензии на небото над источното крило на НАТО.
Зеленски, исто така, на 20 септември изјави дека очекува да се сретне со претседателот Доналд Трамп на маргините на Генералното собрание на ОН следната недела. Средбата сè уште не е потврдена во Вашингтон.
„Оваа недела нè доближи до финализирање на деветнаесеттиот пакет санкции [на ЕУ] против руската агресија; очекуваме наскоро одобрување. Енергетските ресурси на Русија се ограничуваат“, рече Зеленски.
„Благодарен сум што голем број предлози од Украина се земени предвид во пакетот санкции на ЕУ. Сега очекуваме и силни санкции од Соединетите Американски Држави - Европа го прави својот дел.“
„Очекуваме санкции [на САД] ако нема состанок меѓу лидерите или, на пример, прекин на огнот“, додаде Зеленски.
Видете и ова: Авиони на НАТО итно полетаа по масовен руски напад врз УкраинаЗеленски, исто така, ја повтори својата подготвеност да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Путин отфрли состанок на неутрален терен.
„Подготвени сме да се сретнеме со Путин. Разговарав за тоа. И билатерално и трилатерално. [Путин] не е подготвен“, додаде Зеленски, осврнувајќи се на можна тројна средба на која би учествувал и Трамп.
Трамп, кој претходно изрази восхит кон Путин, покажа зголемена фрустрација од одбивањето на лидерот на Кремљ да прифати прекин на огнот и неговото одбивање да одржи директни разговори со Зеленски.
Претседателот на САД, исто така, рече дека е „многу разочаран“ од Путин по неодамнешната серија засилени напади врз украинските градови. Ова го наведе да предложи нови санкции или царини против Русија, иако досега не се преземени никакви чекори.
Вашингтон и неговите европски сојузници веќе воведоа финансиски мерки врз Москва по нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година, со цел ослабување на руската економија, но Киев и неговите сојузници бараат дополнителни мерки.
Најновите коментари на украинскиот претседател доаѓаат во услови на зголемена дипломатска и воена активност, како во Украина и Русија, така и на небото над земјите од НАТО што граничат со двете завојувани страни.
Видете и ова: Естонија објави дека руски авиони влегле во нејзиниот воздушен просторПолските и другите авиони на НАТО полетаа на 20 септември откако Русија започна уште еден масовен напад со беспилотни летала и ракети врз Украина.
Операцијата, која траеше околу 90 минути, го нагласи зголеменото ниво на готовност во земјите на НАТО по руските упади.
Новата серија ноќни напади се случи кратко откако земјите на НАТО изразија негодување поради руското упаѓање во естонскиот воздушен простор еден ден претходно, како и неодамнешните руски упади со беспилотни летала во Полска и Романија.
Чешкиот претседател Петр Павел на 20 септември изјави дека НАТО мора енергично да одговори на руските прекршувања, вклучително и можноста за соборување на руски авиони, според Чешката новинска агенција.
„Русија многу брзо ќе сфати дека направила грешка и ги преминала прифатливите граници. За жал, ова е на работ на конфликт, но попуштањето пред злото едноставно не е опција“, рече Павел.
По упаѓањето на руските авиони МиГ-31 во естонскиот воздушен простор, што Кремљ го негира, Естонија соопшти дека побарала консултации според Член 4 на НАТО, што ја поттикна воената алијанса да свика состанок на Северноатлантскиот совет следната недела.