Трамп најави средба со кинескиот претседател Си Џинпинг

Претседателите на САД и Кина, Доналд Трамп и Си Џинпинг, во Осака, 29 јуни 2019 г.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг оваа есен на самитот за Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Јужна Кореја.

Трамп го објави ова преку својот профил на социјалните мрежи Трут, откако претходно имал телефонскиот разговор со Си. Тој рече дека ќе патува во Кина на почетокот на следната година и оти очекува Си Џинпинг да ги посети Соединетите Држави во соодветно време.

„Тукушто завршив многу продуктивен разговор со кинескиот претседател Си. Постигнавме напредок по многу важни прашања, вклучувајќи ја трговијата, фентанилот, потребата од прекин на војната меѓу Русија и Украина и договорот со Тик-ток“, напиша Трамп.

Видете и ова: САД се „многу блиску“ до договор за ТикТок со Кина, најави американскиот министер за финансии

„Исто така, се согласив со претседателот Си дека треба да се сретнеме на самитот на АПЕК во Јужна Кореја и дека ќе ја посетам Кина во првата половина од следната година. Претседателот Си, исто така, ќе дојде во Соединетите Држави кога ќе биде соодветно“, додаде Трамп.

Трговските активности помеѓу САД и Кина моментално се замрзнати. Тоа започна во април кога двете земји се заканија дека ќе воведат царини од повеќе од 100 проценти за увоз на стоки.
Во август, Трамп потпиша извршна наредба со која го продолжи замрзнување до 10 ноември. Пекинг го следеше американскиот пример.

Трамп и Си се сретнаа неколку пати за време на првиот мандат на американскиот претседател. Тие се сретнаа во Осака, Јапонија, во 2019 година, а претходно во 2017 година Си го посети имотот на Трамп, Мар-а-Лаго.

Видете и ова: Кина негира дека правела заговор со Северна Кореја и Русија против САД

Во телефонскиот разговор, според кинеската државна новинска агенција Синхуа, Си рекол дека САД треба да избегнуваат еднострани трговски ограничувања, за да не го загрозат досегашниот исход од консултациите меѓу двете страни.

Си ги опиша разговорите како „позитивни и конструктивни“.

Оваа недела претставниците од САД и Кина одржаа нова рунда разговори во Мадрид, Шпанија, којашто беше четврта откако трговските спорови ескалираа оваа пролет.