По пожарот во Трубарево во воздухот имало големо количество на тешки метали

Пожар во Трубарево, 13 септември 2025 г.

По пожарот во простории на фабриката за електричен и електронски отпад, Ф Групација, во скопското село Трубарево, во воздухот биле измерени големи количини на ПМ 10 честички и тешки метали, покажаа резултатите што попладнето на 19 септември ги објави Министерството за животна средина и просторно планирање.

Станува збор за мерења што биле направени денот на пожарот – 13 септември и следниот ден – 14 септември.

„По пожарот е регистрирано значително надминување на дозволените граници за ПМ 10, олово, кадмиум и арсен. Беа измерени високи концентрации на честички и тешки метали, но тековните мерења покажуваат дека состојбата на воздухот е стабилизирана и во рамките на дозволените граници“, соопштија од Министерството.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Жители на Трубарево се плашат од последиците од пожарот

Конкретно мерењата на 13 и 14 септември покажале дека ПМ 10 честички ги има во количина од 92,65 микрограми на кубен метар (дозволената граница е 50), олово имало 0,75 (границата е 0,5), додека кадиумот бил 59,1 нанограми на кубен метар (границата е 5), а арсенот 8,9 (границата е 6).

Никелот бил 6,4 нанограми на кубен метар што е во дозволените граници – под 20.

Претходно во текот на денот, од Министерството објави резултати од мерења направи вчера и денеска (18 и 19 септември) за ПМ 10 честички, според кои, тие сега се во рамки на дозволеното.