Израелската армија соопшти дека ќе употреби „невидена сила“ во градот Газа

илустрација

Израелската војска денеска (19 септември) предупреди дека ќе делува со „невидена сила“ во градот Газа, повикувајќи ги жителите да бегаат кон југ, додека истовремено објави затворање на привремената евакуациска рута отворена пред 48 часа.

Обидот на Израел да го заземе градот Газа предизвика меѓународен гнев, со оглед на тоа што територијата е веќе уништена од речиси двегодишната војна и погодена од глад.

Ова се случува во пресрет на планираниот потег на неколку западни земји, меѓу кои Франција и Британија, да ја признаат палестинската држава следната недела на самит на ОН.

Обединетите Нации проценија на крајот на август дека околу еден милион луѓе живеат во градот Газа и околината. Израел тврди дека стотици илјади од нив веќе избегале од најголемиот град во Појасот Газа.

Видете и ова: ЕУ ги осуди нападите во Газа, најавени и санкции за Израел

Во објава на „Х“ упатена до жителите на Газа, воениот портпарол Авихај Адраи,на арапски јазик изјави:

„Од овој момент, патот Салах ал-Дин е затворен за патување кон југ. Израелските одбранбени сили ќе продолжат да делуваат со невидена сила против Хамас и другите терористички организации.“

Тој додаде дека единствената можна рута кон југ е преку улицата Ал-Рашид и ги повика жителите да „ја искористат оваа можност и да им се придружат на стотиците илјади жители на градот кои се преселија на југ во хуманитарната зона“.

Израел во средата објави „привремена“ нова рута за жителите да избегаат од градот Газа, откако започна интензивна копнена офанзива и масовно бомбардирање на главниот град на палестинската територија, по речиси две години разорна војна.

Видете и ова: Израел го „запали“ градот Газа, откако Рубио рече дека има уште малку време за договор

Војската соопшти дека транспортната рута преку улицата Салах ал-Дин ќе остане отворена само 48 часа од пладне.

Салах ал-Дин е главниот пат кој се протега од север кон југ низ Појасот Газа.

Офанзивата врз градот Газа, поддржана од Соединетите Држави, започна во вторникот, во исто време кога истрага на Обединетите Нации го обвини Израел за извршување на „геноцид“ во Појасот Газа, тврдејќи дека премиерот Бенјамин Нетанјаху и други високи функционери го поттикнале злосторството.

Израел ги отфрли наодите и ги нарече „искривени и лажни“.