Оставка на Дмитриј Козак, долгогодишен соработник на Путин, кој наводно се противел на војната во Украина

Русија - Дмитриј Козак, долгогодишен близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин(лево) и претседателот на Русија, Владимир Путин (десно) 28 ноември 2013 година, за време на подготовките за Олимписките игри во Сочи.

Дмитриј Козак, долгогодишен близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, кој наводно се противел на војната во Украина, поднесе оставка од функцијата заменик-шеф на моќната претседателска администрација.

Козак одлучил сам да си замине, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 18 септември.

Објавата следеше по денови на шпекулации за 66-годишниот Козак, кој е еден од најдолгогодишните соработници на Путин од почетокот на неговата политичка кариера во канцеларијата на градоначалникот на Санкт Петербург во 1990-тите години.

Заминувања на високи функционери од администрацијата или владата под Путин се ретки.

Неколку руски новински извештаи велат дека на Козак му била понудена позицијата на највисок функционер во Северозападниот федерален округ на Русија, но ја одбил.

Козак, роден во Украина, влезе во Кремљ кога Путин стана претседател во 2000 година и во текот на годините имаше неколку високи функции, вклучително и функцијата вицепремиер на која беше речиси 12 години.

Тој беше главниот човек на Кремљ за организирање на Зимските олимписки игри во Сочи во 2014 година, што Кремљ го сметаше за знак за враќање на Русија на светската сцена. Откако Москва го анектираше Кримскиот полуостров, САД и другите западни влади воведоа санкции против него.

Во 2020 година, Козак влезе во претседателската администрација, која игра моќна улога во Кремљ. Тој беше познат и како чест соговорник на западните амбасадори и претставници.

Некои аналитичари го гледаат заминувањето на Козак како нов сигнал дека е непожелно секое прашање за поддршка на војната против Украина.

Видете и ова: Додека решава што со Украина, Путин е опкружен со тесен круг „јастреби“

Во месеците пред и во деновите веднаш по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, имаше извештаи за тивко противење или несогласување меѓу некои од блиските советници на Путин во врска со одлуката за инвазија.

Во деновите по инвазијата, Козак, кој беше назначен за клучен човек на Кремљ за украинското прашање, приватно му кажа на Путин дека се спротивставува на тоа, објави „Њујорк тајмс“.

Се вели дека Козак, исто така, разработил рамка за мировен договор со Украина што ќе одговори на неколку од приоритетните барања на Кремљ, објави „Ројтерс“. Путин го отфрли тој план.

Заминувањето на Козак е значајно не само поради неговиот долг мандат како човек наПутин - познато е дека Путин ја цени лојалноста пред сè - туку и поради релативно ретките случаи луѓе да го напуштаат Кремљ или владата, без разлика дали поради противење на војната или од други причини.

Други високи функционери за кои се знае декасе противеле на војната се претседателката на Централната банка, Елвира Набиулина, која наводно му ја поднела својата оставка на Путин, но Путин одбил да ја одобри.

Генералот Валериј Герасимов, кој ја надгледува војната во Украина, останува на позицијата началник на Генералштабот и покрај широко распространетото верување дека првите месеци од инвазијата на Украина беа катастрофа за руските вооружени сили.

Тој наполни 70 години минатата недела, далеку над вообичаената возраст за пензионирање за офицери.