Во Русија усвоен закон за повлекување од Конвенцијата за спречување на тортура

илустрација

Руската државна Дума усвои закон за повлекување од Европската конвенција за спречување на тортура, со што формално завршува меѓународната обврска за зачувување на човековите права, која речиси целосно престана да има некаков ефект во таа земја.

Овој потег го предложи претседателот Владимир Путин претходно овој месец, во уште еден симболичен чекор на Москва во отстапувањето од меѓународните норми.

Иако Русија е членка на конвенцијата од 1997 година, активистите за граѓански права се пожалија дека тортурата и понижувачкиот третман се широко распространети во руските полициски станици и центри за притвор.

Формално, конвенцијата им дозволува на меѓународните набљудувачи пристап до руските затвори, но ова практично заврши по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

„Во пракса, раскинувањето на овој договор нема да има никакви последици“, изјави Евгениј Смирнов, адвокат од организацијата за човекови права „Прв оддел“ за Радио Слободна Европа во август, кога за прв пат се дискутираше за потегот.

„Русија веќе престана да спроведува нешто поврзано со конвенцијата, всушност ниту една од конвенциите што Русија ги потпиша во претходните децении всушност не функционира“, додаде тој.

Русија соопшти дека Советот на Европа го блокирал нејзиното учество во Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување и дека Москва затоа не е во можност целосно да учествува во механизмот за следење.

Видете и ова: Живот, смрт и тортура под руска окупација во Украина

Русија се приклучи на Советот на Европа во февруари 1996 година, но беше суспендирана од организацијата во февруари 2022 година, само неколку недели откако Москва ја започна својата инвазија на Украина. Истовремено со исклучувањето, Москва објави дека се повлекува од организацијата.

Европската конвенција за спречување на тортура од 1987 година е договор на Советот на Европа во кој се наведува дека, и покрај суспензијата на Русија, таа земја останува „потписничка на релевантните конвенции на Советот на Европа“.

Украинските воени затвореници кои беа ослободени во размена исто така, пријавија тортура во Русија.

„Тие немаат никакви загарантирани права што ги предвидува рускиот закон (формално). Не им е дозволено да се видат со активисти за човекови права, набљудувачки мисии, адвокати или роднини. Конвенцијата не беше почитувана и нема да биде почитувана за овие луѓе“, апелира Смирнов.