„Ѕвездено небо“ во Скопје за жртвите од пожарот во Кочани

Присутните на собирот во Скопје со „ѕвездено небо“ им оддадоа почит на 62-цата загинати во дискотеката „Пулс“ во Кочани, 16 септември 2025 г.

Со мирен собир на централниот плоштад „Македонија“ во Скопје, граѓани одбележаа шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Насобраните граѓани со светлата од своите мобилни телефони направија и ѕвездено небо за жртвите во оваа трагедија.

Во пожарот што настана околу 2:30 часот на 16 март во „Пулс“ животот го загубија 62 лица, а над 200 беа повредени. Оттогаш, родителите секоја сабота предводат протестен „Марш за ангелите“ во Кочани барајќи одговорност за настраданите.

На вечерашниот собир, на плоштадот во Скопје имаше и сандаче во кое присутни оставаа писма за семејствата на загинатите, а коишто, како што најавија организаторите, следната сабота ќе им бидат однесени на родителите во Кочани.

Беше поставен и транспарент со порака „6 месеци без правда за Кочани“.

На овој собир претходно преку социјалните мрежи повикаа иницијативите „Кој е следен?“ и од Студентското пленумско движење, кои порачаа дека покрај тага, постои и гнев поради непостапувањето на институциите за трагедијата.

„Шест месеци имаме институционален молк за оваа огромна трагедија. Тука сме за да ги потсетиме институциите дека време е да почнат да си ја работат својата работа. Од утре веќе нема да молчиме. Денеска овој молк не е исполнет само со тага туку и со лутина поради нивното непостапување“, порача пред присутните Анастасија Павловка од иницијативата „Кој е следен?“.

Присутните на собирот во Скопје оставаа писма за родителите на загинатите во Кочани.

Истовремено, мирен собир на кој присутните ќе направат „ѕвездено небо“ се организира и во Кочани и во Штип. Претходно, во текот на денот, за одбележување на шест месеци од трагедијата, родителите предводеа протестен марш на кој уште еднаш побараа одговорност од институциите за системските пропусти за начинот на работа на дискотеката „Пулс“ и за сите околности што доведоа до трагедијата.

За трагедијата во Кочани на 13 јуни беше поднесено обвинение за 34 лица, но тоа сè уште чека оценка од Основниот кривичен суд во Скопје, кој може да го прифати или врати на доработка.

Видете и ова: „Марш за ангелите“ во Кочани: Родителите бараат одговорност од институциите

Меѓу обвинетите се последниот кочански градоначалник Љупчо Папазов, и двајца поранешни Ратко Димитриевски и Николчо Илијев. На списокот обвинети се и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, поранешен државен секретар, еден раководител, службено лице и помлад соработник во Министерството.

Меѓу обвинетите се поранешен директор на Пазарен инспекторат и инспектори, сопственичката на фирмата која дала елаборат за употреба на објектот како дискотека, синот на сопственикот на дискотеката „Пулс“.

Сите се обвинети за сериозни прекршувања, од фалсификувани дозволи до пропуштање на службена должност. Доколку вината им се докаже, казните можат да достигнат и до 20 години затвор.

Видете и ова: Шест месеци по пожарот во Кочани ...

Надлежноста врз предметот ја презеде Кривичниот суд откако беше утврдено дека во основниот суд во Кочани нема доволно судии и ресурси за да се води ваков голем процес.

Со обвинението е опфатен период од 13 години во кој обвинетите се товарат дека со своите постапки придонеле да се случи трагедијата или пак тоа што ништо не сториле исто така довело до неа. Ова се однесува посебно на службените лица и функционерите.