На точно шест месеци од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, родители и роднините на починатите, како и други граѓани одржаа нов протестен марш за да им оддадат почит на настраданите и да побараат одговорност за трагедијата.
„Маршот за ангелите“, како што се нарекува овој собир, изминатите шест месеци се одржуваше секоја сабота низ улиците на Кочани. Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.
„Ова не е само несреќа. Ова е трагедија што можеше и мораше да се спречи. Оваа трагедија во Кочани не е само последица на една искра или на невнимание. Таа е последица на системска слабост и неодговорност … Знаеме кој ги отворил вратите на клубот. Знаеме кој земал пари и пуштил внатре луѓе два пати повеќе од дозволеното. Знаеме кој ставил пиротехника во затворен простор. Тие се директните виновници. Тоа е криминал со човечки животи“, рече Васка Лазарова, мајка на настраданиот фудбалер Андреј Лазаров, пренесе државната агенција МИА.
Видете и ова: Шест месеци по пожарот во Кочани ...Маршот започна од „Паркот на револуцијата“ од каде учесниците се упатија пред судот и обвинителството. Родителите порачаа дека сакаат одговорност од институциите.
„Институциите не се независни тела – тие се дел од државата. Ако тие не ја завршила работата, тогаш и државата има одговорност. Затоа велиме, не е доволно да се казнат неколку менаџери. Потребно е да има одговорност и во институциите. Одговорност за оние што дозволиле клуб без дозвола да работи. Одговорност за сите што со своето молчење учествувале во ова злосторство“, рече Лазарова.
Видете и ова: Барање за праведна разрешница на деветнаесеттиот „Марш на ангелите“ во КочаниЗа вечерва во 20 часот во Кочани е најавен уште еден собир насловен „Светлина за 62. ангели“. Според најавите, се очекува во 20:30 часот во воздух да бидат пуштени 62 балони, по што сите присутни со светлата од мобилните телефони ќе направат „ѕвездено небо“ за 62. згаснати животи.
Покрај во Кочани, вечерва собир за одбележување на шест месеци од трагедијата е најавен и во Скопје, на кој повикаа од иницијативи „Кој е следен“ и од студентското пленумско движење. Собирот ќе се одржи на плоштадот „Македонија“ во Скопје, каде ќе биде поставено и сандаче во кое, како што најавија организаторите, секој ќе може да напише порака за семејствата. Следната сабота кога ќе се организира нов „Марш за ангелите“ писмата ќе бидат однесени на родителите во Кочани.