ЕУ ги осуди нападите во Газа, најавени и санкции за Израел

Раселени Палестинци проверуваат што останало од нивните шатори по израелскиот напад во населбата Римал во градот Газа на 13 септември 2025 г.

Копнената офанзива на Израел врз градот Газа ќе го зголеми бројот на смртни случаи и ќе ја влоши веќе „катастрофалната“ хуманитарна ситуација на оваа територија, предупреди Европската Унија на 16 септември.

Портпаролот на ЕУ, Анвар Ел-Ануни, изјави дека ЕУ „постојано го повикува Израел да не ги интензивира своите операции во градот Газа“.

„Воената интервенција ќе доведе до поголемо уништување, повеќе смртни случаи и повеќе раселување, а ние јасно ставивме до знаење дека тоа ќе ја влоши веќе катастрофалната хуманитарна ситуација и ќе ги загрози животите на заложниците“, рече тој, пренесе АФП.

Видете и ова: Израел го „запали“ градот Газа, откако Рубио рече дека има уште малку време за договор

Еврокомесарите во среда треба да дадат согласност да се воведат нови санкции против Израел поради војната во Газа, изјави портпаролката на Европската комисија истиот ден, објави Ројтерс.

„Утре, комесарите ќе усвојат пакет мерки против Израел. Поточно, предлог за суспендирање на одредени трговски одредби од договорите меѓу ЕУ и Израел“, изјави портпаролката Паула Пињо.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 11 септември изјави дека ќе бара санкции и делумно замрзнување на трговијата со Израел поради војната во Газа.

ЕУ, која брои 27 земји, е длабоко поделена во својот пристап кон Израел и Палестинците, и не е јасно дали ќе се најде мнозинство кое ќе ги поддржи санкциите и трговските мерки, пишуваше претходно Асошиејтед прес.

Истражителите на Обединетите нации, на 16 септември, го обвинија Израел за геноцид во Газа во обид да ги „уништи Палестинците“ на оваа територија и го обвинија израелскиот премиер и други високи функционери за поттикнување на геноцидот.

Видете и ова: Израел соопшти дека повеќе од 250.000 жители го напуштиле градот Газа

Амбасадорот на Израел во ОН во Женева, Даниел Мерон, го нарече извештајот „скандалозен“ и „лажен“.

Речиси 65.000 лица се убиени во Газа од почетокот на војната, според бројките од Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, податоци кои Обединетите нации ги сметаат за релевантни.

Војната во Газа започна по смртоносниот напад на Хамас, палестинска група која е прогласена за терористичка од САД и ЕУ, на 7 октомври 2023 година во Израел.