Медицинска сестра сведочеше како се давале терапии на Клиниката за онкологија

Универзитетска клиника за онкологија и радиотерапија

Медицинска сестра, која била одговорна за дневната болница на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, додека директор бил Нино Васев, сведочеше дека некогаш се случувало на клиниката да нема некоја терапија, а одредени пациенти да ја добијат, како и дека имало пациенти на кои им биле менувани препишаните терапии.

На денешното судење за случајот Онкологија 2, сведокот, кој 22 години работи како медицинска сестра на Онкологија, рече дека имала задолжение да прави попис на лекови на неделно ниво и пациентите кои примале терапија од условен буџет да ги носи на одобрение кај директорот на Клиниката, кој во тоа време бил Васев.

Таа рече дека некогаш се случувало на Клиниката да нема терапија, а одредени пациенти да ја добијат. Сведочеше дека се сеќава дека имало пациенти на кои им биле менувани препишаните терапии.

„Имаше еден пациент за кој ја се сеќавам, во извештајот беше шкртната дозата, која беше помала и напишана во ракопис поголема доза. За пациентот Игор, кој примаше ампула принтуда, приметив дека се повторува во извештаите кои ги правиме на три недели. Не сум лекар, сестра сум, но терапијата се прима на 21 ден“, рече сведокот.

Видете и ова: Мајка на почината пациентка сведочеше на судењето за случајот „Онкологија“ против поранешниот директор Васев и двајца онколози

На прашање од Обвинителството дали терапијата била примена на Клиниката, сведокот рече дека имало пациент кој терапија примал во Клиничка болница Штип, за што си имал дозвола од доктор за тоа, исто како и за уште еден пациент, за што тие потпишувале дека ги примаат ампулите и потоа се потпишуваат повторно кога ги враќаат празните.

Прашана дали доколку една терапија е приватно набавена од пациентот тоа би било наведено во историјата, сведокот рече да, тоа ќе биде наведено во медицинската историја на пациентот.

На вкрстено прашање од бранителот на Васев, адвокат Никола Ставрев, дали потписот на директорот Никола Васев единственo значи дека го има на залиха, таа кажа дека потписот на директорот значел дека се одобрува терапијата.

На прашање на бранителот на Нехад Нухи, адвокатката Анита Бегова, дали од нејзиниот исказ може да заклучи дека во кабинетот на директорот има аптека, сведокот рече дека аптека не може да има.

Судот на следното рочиште ќе треба да се произнесе и по барање на одбраната за изземање на вештото лице Елизабета Дамевска-Јовановска.

Бегова, рече дека на 13 јули 2017 година е евидентиран престанок на функцијата економски директор, а во текот на истражната постапка и изготвувањето на вештачењето истата е вработена како правно лице во рамки на Клиничкиот центар Мајка Тереза, што извршува услуги за сите универзитетски клиники, меѓу кои и за Онкологија.

„Во РСМ согласно регистар на вештаци од материјално финансиско работење има регистрирани 1216 вешти лица од оваа област. Прашање е зошто, токму од 1216 вешти лица е одбрана Елизабета Дамевска Јовановски, која не може да биде вешто лице во оваа постапка. Дополнително, во 2018 година се пренесени салда од 2017 кога таа била економски директор, а техничкиот советник бил медицински директор на Клиниката“, рече Бегова.

Видете и ова: Обвинителството за случајот „Онкологија“: Несовесното лекување не било случајно, туку систематско

Судот на почетокот на денешното рочиште информираше дека одбраната на Васев на 15 септември доставила гаранција до Судот, што ќе биде проследена на одлучување.

Обвинетите Васев и Нухи на минатото рочиште негираа вина за делата кои им се ставаат на товар. Одбраната, тврди дека обвинението против нив е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење од лица кои се исто инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за претходниот медицински и економски директор на Клиниката кои биле сменети од Васев.

Кривичниот суд во јуни годинава го одобри обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година.

Судењето за случајот „Онкологија 2“, кој се води против поранешниот медицински и економски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехад Нухи, за несовено работење и финансиски криминал, продолжува на 9 октомври со сослушување сведоци.