Идентификувани дваесетина лица за кои постојат сомневања дека ги предизвикале пожарите

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Идентификувани се дваесетина лица за кои постојат основани сомневања дека стојат позади пожарите, потврди премиерот Христијан Мицкоски. Тој го повтори ставот дека постојат центри на моќ кои се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните, пред изборите.

„Додека сум јас во Јегуновце заседаваат врвот на структурите на МВР, идентификувани се од прилика дваесетина лица за кои постојат основани сомневања дека стојат позади овој процес. Истовремено имавме одредени дојави што ги собиравме изминативе денови и во координирана акција МВР со Министерството за животна средина ќе постапува во деновите коишто следат, така што за жал има структури кои на ваков начин се обидуваат да внесат нестабилност и немир, но како што кажав тие ќе конструираат, ќе лешинарат, ќе подметнуваат, ние чесно ќе работиме, ќе се бориме, и на крај повторно ќе победиме“, рече премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на Општина Јегуновце.

Тој повика да се преземат законски измени со кои подметнувањето пожари ќе се оквалификува како тероризам.

„Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ итно да имаме измени во законите со кои подметнување пожар ќе биде оквалификувано како дело на тероризам, а одлагање на смет онаму каде што не му е местото ќе биде друго кривично дело кое ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години“, нагласи Мицкоски.

Видете и ова: АНБ и АР ги проверуваат наводите за хибридни напади, Сиљановска-Давкова очекува идентификување и санкционирање на сторителите

Потврди дека утрово се појавила јасна снимка за тоа како се случува подметнување пожар, мислејќи на пожарот во сервис за автомобили во Пинтија.

„Видовте како дрско се подметнува пожар и тоа е само уште еден доказ тоа што го зборувам цело време дека, за жал, постојат центри на моќ кои се обидуваат да внесат страв, паника кај граѓаните, пред изборите, и одговорот на прашањето кому тоа му одговара мислам дека со една кратка анализа ќе го добиете“, изјави Мицкоски.

Во последниот период, за кратко време се случија неколку пожари во скопскиот регион. Гореа депонии, сервиси за возила и фабрики со опасен отпад. На пожарот кај Пинтија му претходеа пожарите во поранешната градска депонија Вардариште и во актуелната Дрисла, а беше запалена и фабрика за електронски и електричен отпад во Трубарево.