Ангелов: Криминалистичка полиција ги истражува сомнежите за подметнат пожар во Дрисла

Пожар во Дрисла, 9.9.2025

Инспектори за криминалистичка полиција ги истражуваат сомнежите за подметнат пожар во Јавното претпријатие „Дрисла“. Тие вршат службени разговори со вработени во Јавното претпријатие „Дрисла“ за да утврдат евентуално учество од внатре во подметнување на пожарот на депонијата. Ова го соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција во близина на депонијата.

Ангелов смета дека во изминативе денови имало најмалку уште три обиди за палење на депонијата, но, како што рече, за среќа биле брзо изгаснати.

„Припадниците на криминалистичката полиција моментално се внатре во депонијата, не зборуваме за конкретно осомничен, туку ќе позборуваат со вработените дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарите или можеби некој од надвор доаѓа, веројатно малку физички спремен со канта бензин или шише бензин затоа што се работи за запаливи гасови да го подметне пожарот“, рече Ангелов.

Скопје го поклопи сива магла, со денови мириса на изгорено

Тој најави дека во следниот период ќе има зголемено полициско присуство околу депонијата со цел откривање евентуални потпалувачи, бидејќи, како што рече, необјасниво е како се зголемува чадењето откако претходно се интервенирало и огнот драстично бил намален.

Депонијата, додаде, е на површина од околу 85 хектари, но заграден е само делот на влезот, додека останатиот дел од каде произлегува чадот е апсолутно необезбеден.

„ Површината на „Дрисла“ е околу 85 хектари, заграден е само делот кај влезот, затоа се има перцепција дека таа е оградена и обезбедена, таа перцепција е погрешна. Останатиот дел од каде произлегува чадот е апсолутно необезбеден и има повеќе камери, но се сомневам дека се функционални особено тие во задниот дел од депонијата. Од тие причини, можам да кажам дека депонијата е лесно достапна за злонамерници кои што би сакале да подметнат или да го продолжат веќе постоечкиот пожар“, рече Ангелов

Оваа депонија, каде пожар избувна во вторникот, се наоѓа во југоисточниот дел од територијата на Град Скопје и е оддалечена 14 километри од центарот на градот и во неа се врши третман на комунален отпад, градежен шут, индустриски и медицински отпад. Во изминативе денови непријатната миризба и чад се чувствуваше и во Лисиче, Гази Баба, Центар, Карпош.