Ирска се закани дека ќе се повлече од Евровизија ако учествува Израел

Претставничката на Израел, Јувал Рафаел, на генерална проба за финалето на Евровизија 2025 во Базел, 16 мај 2025 година.

Ирската државна телевизија РТЕ објави дека нема да учествува на евровизискиот натпревар во 2026 година „доколку Израел учествува“.

РТЕ наведува дека учеството на Ирска на таков настан би било „неприфатливо со оглед на континуираните и ужасни загуби на животи во Газа“.

Ирска досега го освои ова музичко натпреварување седум пати - последниот пат беше во 1996 година.

РТЕ ќе ја донесе конечната одлука откако Европската радиодифузна унија (ЕБУ), која е организатор на Евровизија, ќе го презентира својот став.

Евровизијата ќе се одржи следната година во мај во Виена.

Видете и ова: Израел лансираше нов шпионски сателит како „порака“ до непријателите

Радиотелевизија на Словенија, исто така, најави повлекување од натпреварот ако Израел учествува.

Шпанскиот министер за култура, Ернест Уртасун, изјави дека и Шпанија можеби нема да учествува доколку Израел е на натпреварот.

„RTE е длабоко загрижена за убиството на новинари во Газа, одбивањето на пристап на меѓународни новинари на територијата и ужасната состојба на преостанатите заложници“, соопшти ирскиот јавен радиодифузер.

Пред овогодинешниот евровизиски натпревар во мај, РТЕ побара од ЕБУ да расправа за учеството на Израел во натпреварот.

Во тоа време, генералниот директор на RTE, Кевин Бакхарст, изјави дека е „ужаснат од настаните на Блискиот Исток и ужасните последици за цивилите во Газа, како и од судбината на израелските заложници“.

Повеќе од 70 поранешни учесници на Евровизија потпишаа писмо претходно оваа година со кое ги повикуваат организаторите да го исклучат Израел од натпреварот во 2025 година.