Фицо ја условува поддршката за ЕУ за санкции против Русија

Роберт Фицо, премиер на Словачка

Словачка не може да ги поддржи новите санкции на Европската Унија(ЕУ) против Русија сè додека не добие предлози од Унијата што ќе ги усогласат климатските цели со потребите на производителите на автомобили и на тешката индустрија, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо.

Фицо побара и мерки за решавање на цените на електричната енергија во ЕУ.

Тој исто така привремено го блокираше претходниот пакет санкции, барајќи гаранции против можни загуби поради посебен план на ЕУ за целосно прекинување на увозот на руски гас и нафта до 2028 година.

„Уште колку пакети санкции треба да усвоиме за да го промениме пристапот на Русија кон војната?“, рече Фицо.

Видете и ова: Словачка повторно ги блокира новите санкции на ЕУ против Русија

Унијата дебатира за 19 пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Дипломати на ЕУ изјавија дека новиот пакет веројатно ќе вклучи дополнителни кинески компании, руски банки и бродови од „флотата во сенка“ што ги избегнува санкциите, како и забрана за трансакции со руска нафта.

Фицо, кој се дистанцира од европските сојузници поради неговиот проруски став и се сретна со рускиот претседател Владимир Путин три пати од минатата година, долго време тврди дека санкциите не функционираат.

Западот воведе десетици илјади санкции врз Русија поради војната во Украина како и поради руската анексија на Крим во 2014 година, со цел да ја ослаби руската економија.