Поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора Весна Меденица и поранешниот заменик-градоначалник и градоначалник на општина Будва Мило Божовиќ беа ставени на листата на санкции на американскиот Стејт департмент поради значителна корупција што овозможила шверц на наркотици, беше објавено на 10 септември.
Во соопштението се наведува дека Божовиќ ги злоупотребил јавните функции за поддршка на организираниот криминал и меѓународната трговија со дрога, додека Меденица посредувала во судски одлуки и примала мито со цел да ја поддржи криминалната организација.
Во одлуката се вклучени и членовите на нивните најблиски семејства, семејството Божовиќ - Драгана, Балша и Павла, како и семејството Меденица - Милош и Марија.
Стејт департментот наведува дека ваквите мерки ја потврдуваат посветеноста на САД на борбата против транснационалниот криминал и одговорноста на лицата вклучени во трговијата со дрога.
Видете и ова: Кос: Црна Гора може да стане членка на ЕУ во 2028, Албанија во 2029 годинаШто е познато за нив?
Весна Меденица беше една од највлијателните личности во црногорското судство во последните две децении. Таа помина 17 години како судија, а три пати беше избрана за претседател на Врховниот суд, иако Уставот на Црна Гора дозволува максимум два мандати.
Пред тоа, таа ја извршуваше и функцијата Врховен државен обвинител. Меденица беше уапсена во април 2022 година по објавувањето на транскриптот на Европол, во кој беа прислушувани телефонски разговори од апликацијата „Скај“ на нејзиниот син Милош и телохранителот, полицаецот Дарко Лаловиќ, во кои тие договарале шверц на дрога и шверц на цигари.
Од транскриптите се покажа дека Меденица била свесна за нивните криминални активности и наводно била подготвена да ги заштити. Специјалното обвинителство ја обвинува дека, користејќи ја својата позиција во периодот од 2019 до 2021 година, посредувала во решавање на судски случаи во корист на одредени компании, додека примала мито.
Исто така, таа беше обвинета дека вршела притисок врз судиите да донесат пресуди спротивни на законот. Според обвинението на Специјалното државно обвинителство од октомври 2022 година, Милош Меденица е, меѓу другото, обвинет за создавање криминална организација во 2019 година со цел шверц на цигари и нелегално влијание врз судството.
На судењето пред Вишиот суд во Подгорица, Меденица ги негираше сите обвинувања, тврдејќи дека била жртва на политичка одмазда.
Имено, Весна Меденица долго време се сметаше за клучна фигура во судскиот систем под влијание на тогашната влада, предводена од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ. Нејзината работа на чело на Врховниот суд предизвика критики од домашната и меѓународната заедница поради проблеми во владеењето на правото и корупцијата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Наместо маслинки, во Бар, Црна Гора, никнуваат згради
Од друга страна, Мило Божовиќ, поранешниот градоначалник на Будва, беше уапсен во април 2023 година под сомнение за создавање криминална организација и неовластено производство и трговија со наркотични дроги.
Специјалното државно обвинителство поднесе обвинение против Божовиќ за кривични дела поврзани со создавање криминална организација и шверц на кокаин.
Во февруари оваа година, Никола Јовановиќ беше избран за нов претседател на Општина Будва.
Со ова заврши мандатот на претходниот градоначалник, Мило Божовиќ, кој го управуваше градот од затвор 22 месеци, потпишуваше плати за вработените, одлучуваше за инвестиции, јавни набавки...
Божовиќ е кадар на една од партиите на распуштениот проруски Демократски фронт на претседателот на парламентот Андрија Мандиќ.