Членовите на Комисијата за надзор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) кои имаат безбедносен сертификат ќе ја посетат АНБ и ќе ги разгледаат документите кои ќе им бидат доставени, беше одлучено на матичната собраниска комисија.
Членот на Комисијата и пратеничка на СДСМ, Славјанка Петровска, истакна дека како претставник на СДСМ и опозицијата ќе го поддржи надзорот на АНБ и АР.
Таа потенцираше дека е должна да ја извести јавноста дека класифицираните информации, доколку Агенцијата остане на ставот дека истите не треба да бидат класифицирани, нема да можат да бидат поделени деталите со јавноста.
„Нема да можеме да дадеме одговор на десетиците прашања, кои изминатиов период со право беа поставувани од разни чинители. Но, сепак и во такви услови, реков дека ќе учествуваме во надзорот на АНБ и Агенцијата за разузнавање“, рече Петровска.
Видете и ова: Прислушувања, обвинувања и сертификати – тајните служби под лупаПратеничката од Левица Јована Мојсоска истакна дека нема да гласа за оваа точка, бидејќи како што рече, во мандатот на новиот директор на АНБ има злоупотреби и дека се повторува праксата пратениците од опозицијата да не можат да добијат безбедносен сертификат, државна тајна.
„Конкретно јас пред повеќе од шест месеци имам поднесено барање за безбедносен сертификат државна тајна иако Законот за класифицирани информации децидно предвидува дека треба да добијам одговор во рок од шест месеци, јас немам добиено одговор на моето барање. Не знам дали тоа е можеби од некој политички реваншизам затоа што Левица прва го обелодени скандалот со дипломата на директорот на АНБ, па сега поради тоа јас не можам да ја вршам мојата пратеничка функција“, истакна Мојсоска.
Со Комисијата претседаваше пратеникот Блерим Беџети.
Членовите на Комисијата донесоа и одлука за утре (11 септември) во 12 часот, да ја посетат Агенцијата за разузнавање.
Видете и ова: Мицкоски: Аферата со прислушувањето нема да се стави под тепихПоводот за посетата на овие две агенции се обвинувањата од премиерот Христијан Мицкоски и од директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски дека во период од 2019 до 2024 година се вршело незаконско следење на комуникациите и движењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во меѓувреме продолжуваат партиските препукувања за аферата за прислушување. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека СДСМ ги злоупотребиле службите за да се задржат на власт. Социјалдемократите пак бараат целосна декласификација на документите во име на транспарентност.
Обвинители и истражители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 5 септември влегле во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) како дел од предистрагата за наводите за незаконско прислушување.
Според соопштението од Обвинителство била договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК.