Голем пожар попладнево избувнал во скопската градска депонија Дрисла, информираа од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше дека не станува збор за алармантен пожар, но оти гаснењето е сложено.
„Бригадата за противпожарна заштита на Скопје работи на негово гаснење. Гасењето пожар на која било депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови“, посочи Ангелов.
Депонијата Дрисла е лоцирана во југоисточниот дел од територијата на Град Скопје и е оддалечена 14 километри од центарот на градот. Се простира на површина од 76 хектари и во неа се врши третман на комунален отпад, градежен шут, индустриски и медицински отпад.
Видете и ова: Вардариште - каблите повторно во пламен, институциите 30 години не реагираатИзминатиот период Скопје се соочува со уште еден пожар, на поранешната градска депонија Вардариште. Таа е лоцирана на левиот брег на реката Вардар, веднаш под индустрискиот комплекс „Металски завод Тито“, на околу седум километри од центарот на градот.
Иако е затворена пред три децении, локацијата и денес претставува сериозен еколошки ризик, се користи како дива депонија, а избувнувањето пожар во неа е честа појава.
За решавање на проблемот со Вардариште, жители на скопската општина Аеродром, која е најпогодена од загадување на воздухот кога таму избувнува пожар, од 2 септември секојдневно излегуваат и на околу еден час ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „Србија“ и АСНОМ.