Лавров го поддржа Додик и го обвини Западот за кризата во БиХ

Сергеј Лавров и Милорад Додик

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, ги повторија своите претходни ставови дека „комплицираните односи во Босна и Херцеговина се резултат на грубо мешање на Западот во внатрешните работи на Босна и Херцеговина“.

Двајцата се сретнаа во Москва на 9 септември.

На прес-конференцијата, Лавров ги повтори критиките кон Кристијан Шмит, високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, повторувајќи дека Шмит „нема мандат од Советот за безбедност на Обединетите Нации“ и дека „се обидува да наметне одлуки и закони по налог на Западот“.

„Остро ги осудуваме обидите за отстранување од власт на српските лидери кои се непожелни за Западот, а особено на нашиот денешен соговорник, нашиот пријател, легално избраниот легитимен претседател на Република Српска, преку измислени кривични случаи“, рече Лавров.

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот на претседател на РС на Додик по конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, поради непочитување на одлуките на високиот претставник на Меѓународната заедница во Босна и Херцеговина. На почетокот на август, Додик беше законски осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавни функции во Босна и Херцеговина.

Видете и ова: На Република Српска ѝ се заканува институционален распад

Лавров објави дека Русија ќе го преземе претседателството со Советот за безбедност на ОН во октомври 2025 година и најави седница за ситуацијата во БиХ за 31 октомври, „кога нашите колеги во Советот ќе мора да одговорат на многу непријатни прашања за БиХ“.

Додик рече дека „Босна и Херцеговина никогаш не донела одлука за воведување санкции врз Руската Федерација, бидејќи Република Српска го направила тоа невозможно преку своите претставници“.

Поголемиот дел од своето обраќање до медиумите, Додик му го посвети на високиот претставник Кристијан Шмит.

„Високите претставници разрешија над 900 избрани претставници во Босна и Херцеговина, од кои две третини од Република Српска. Република Српска остана посветена на „зборот“ од Дејтонскиот договор, додека Западот го користеше таканаречениот „дух на договорот“. Со години имаме неименуван странец по име Шмит преку кого тие наметнуваат одлуки“, рече Додик.

Видете и ова: Будимпешта ја игнорира одлуката на Судот на БиХ, Сијарто му се обраќа на Додик како претседател

Додик, меѓу другото, рече дека нема малигно руско влијание во Босна и Херцеговина.

Неодамна во интервју за рускиот „Спутник“, Додик објави дека во октомври ќе се сретне и со рускиот претседател Владимир Путин.

Како што тогаш рече, од Русија ќе биде побарано да стави вето на продолжувањето на мировната мисија ЕУФОР Алтеа во Босна и Херцеговина, за која се гласа секој ноември во Советот за безбедност на Обединетите Нации.

На 4 септември, Додик се сретна и со унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој го претстави како претседател на Република Српска, поради што Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина испрати протестно писмо. Во недела, на пат кон Москва, тој се сретна и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Белград.