Националното студентско тело бара зголемување на сумата за субвенциониран студентски оброк

Студенти на УКИМ/Фотоархива

Националното студентско тело бара зголемување на сумата за субвенциониран студентски оброк. Ова тело, кое е претставничко на сите студенти во државата, денеска (2 септември) преку писмено соопштение бара сумата за субвенционираниот оброк да се искачи од 140 на 150 денари.

Барањето доаѓа пред носењето на републичкиот Буџет за 2026 година.

-Согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, износот се усогласува во согласност со инфлациската стапка после секоја фискална година, а пред донесување на републичкиот Буџет за следната година. Последен пат, висината на сумата за субвенционираниот оброк се промени во 2023 година од 120 на 140 денари - се вели во соопштението од Националното студентско тело.

Студентите, во нивното денешно соопштение наведуваат дека инфлациската стапка во Република Северна Македонија во 2024 година изнесува 3,5% (согласно податоците на НБРМ и ДЗС).

Дополнително согласно проекциите на ММФ, инфлациската стапка за 2025 година ќе изнесува 3,4%, додека НБРМ, проектира 3% инфлација за 2025. Доколку се направи пресметка за двете години, сумата на студентскиот оброк треба да порасне за 10 денари во 2026 година – се додава во соопштението.

Видете и ова: Студентите бараат оброк за сите - власта калкулира

Од Националното студентско тело посочуваат дека мерката ја користат околу 30.000 студенти во државата во текот на 9 месеци во една година. Според ова, како што велат оттаму, за зголемувањето кое се бара би биле потребни дополнителни 70.200.000 денари или 1.141.463 EUR годишно.

-Ова усогласување не претставува дополнителна привилегија, туку неопходен чекор за зачувување на реалната вредност на студентскиот оброк. Со ова зголемување, ќе се обезбеди поголема сигурност и поддршка на студентите во услови на растечки животни трошоци, ќе се олесни нивниот финансиски товар и ќе придонесе кон создавање подобри услови за студирање – истакнуваат од Националното студентско тело.

Аплицирањето за субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година почна на средината на август. Финансиската поддршка изнесува 140 денари дневно и е наменета за купување храна. Средствата можат да се користат од понеделник до сабота кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.

Исплата не се врши во периодот на летниот распуст – од 1 јули до 1 октомври.