Две години затвор за напаѓачот на скопската градоначалничка Арсовска

Фотографија од судењето на Сулејман Љамалари за грубо насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска

Две години казна затвор доби Сулејман Љамалари, осуден дека физички ја нападнал скопската градоначалничка Данела Арсовска. Кривичниот суд ја изрече пресудата и го прогласи за виновен.

„Основен кривичен суд Скопје известува дека судот на 02.09.2025 година ја донесе и јавно ја објави пресудата по предметот К.бр.1338/25, со која обвинетиот С.Љ. го огласи за виновен за сторено кривично дело – Насилство од член 386 став 3 вв со став 1 од Кривичниот законик, по што му изрече казна затвор во траење од 2 – две години, а заради тоа што на 11.07.2025 година извршил грубо насилство врз градоначалничката на Град Скопје“, соопштија од Кривичниот суд.

Согласно член 47 од Кривичниот законик, во изречената казна затвор на обвинетиот С.Љ. му се засметува и времето поминато во куќен притвор, преиначена во мерка притвор. Од Кривичен суд додаваат дека против ваквата пресуда странките имаат право на жалба во рок од 8 дена по приемот на пресудата, до Апелациониот суд Скопје.

С. Љ. останува во притвор до правосилност на пресудата, односно до започнување со издржување на казната затвор, но не подолго од 60 – шеесет дена.

Видете и ова: Чаирската романтика растегната меѓу криминал и политика


По изрекувањето на пресудата, градоначалничката Арсовска се огласи преку објава на социјалната мрежа Фејсбук.

„Ова е системска победа за жртвите на насилство, за секоја жена и мајка, за напад кој претставуваше и атак врз институцијата градоначалник. Насилникот не покажа ни трошка каење за стореното, со својот однос континуирано се исмеваше со судот и со јавноста. Дури се обиде жртвата да ја претстави како напаѓач, а себеси иако е насилник, да се претстави дека бил тепан од жена“, напиша Арсовска.

Таа на 11 јули беше физички нападната во Општина Чаир, додека вршела увид на терен, на локација каде што, како што изјави, се гради дивоградба спроти Полициската станица Чаир.

Од Обвинителството тогаш информираа дека обвинетиот (сега веќе осуден С.Љ.) извршил грубо насилство врз градоначалничката Арсовска, со кое предизвикал телесна повреда кај оштетената и чувство на несигурност, загрозување и страв во јавноста.

На 12 јули, Министерството за внатрешни работи (МВР) одобри 24-часовно обезбедување на градоначалничката Арсовска.