Кина и Русија потпишаа договор за изградба на нов гасовод низ Сибир

Рускиот претседател Владимир Путин на почетокот од билатералната средба со кинескиот лидер Си Џинпинг во Пекинг, на 2 септември

Кина и Русија денеска (2 септември) потпишаа договор за изградба на гасоводот „Моќта на Сибир 2“, што претставува клучен исчекор напред за еден од најскапите гасни проекти во светот.

Руската енергетска компанија „Газпром“, која има монопол врз извозот преку гасоводи, го објави договорот додека претседателот Владимир Путин беше на средба со кинескиот лидер Си Џинпинг во Пекинг, во пресрет на воената парада.

„Газпром“ наведе дека двете страни потпишале правно обврзувачки „меморандум за изградба“ на долгоочекуваниот гасовод.

Иако оваа објава покажува дека проектот има политичка поддршка на највисоко ниво, извршниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер, изјави дека Кина и Русија сè уште немаат постигнато договор за цените на гасот и начинот на поделба на трошоците за изградба — прашања кои со години претставуваат главен предизвик во преговорите.

Видете и ова: Украина ја повикува Кина да изврши притисок врз Русија, Путин во Пекинг на разговори и парада

„Разговорите сега ќе бидат фокусирани на финансирањето на изградбата на гасоводот и на комерцијалните услови за испорака“, рече Милер во Пекинг. Тој вети дека „дополнително ќе бидат доставени и комерцијалните детали“.

Иако документот засега ги опфаќа само општите услови, договорот за реализација на проектот со капацитет од 50 милијарди кубни метри годишно ќе има значително влијание врз глобалниот пазар на гас, но и врз понатамошното продлабочување на односите меѓу Пекинг и Москва.

Новиот гасовод треба да испорачува гас од огромните резерви на полуостровот Јамал во западен Сибир до Кина – најголемиот светски потрошувач на енергија и еден од водечките купувачи на гас – преку територијата на Монголија.

Иако комерцијалните детали за гасоводот „Моќта на Сибир 2“ сè уште не се договорени, Русија и понатаму се соочува со неколку клучни прашања кои влијаат на иднината на овој проект.

На Москва ѝ е потребен гасоводот „Моќта на Сибир 2“ за да надомести барем дел од пазарот на Европската унија кој го загуби како последица на војната во Украина. Преговарачката позиција на Русија во однос на економски помоќниот сосед е ослабена за време на војната, а сè уште постојат прашања околу способноста на „Газпром“ да го финансира овој сложен инфраструктурен проект.

Видете и ова: Путин ќе го промовира новиот светски поредок на патувањето во Кина

Алексеј Милер, директорот на „Газпром“, изјави дека цената на гасот ќе биде пониска од таа што „Газпром“ ја наплатува на европските купувачи, поради големите растојанија и предизвикувачкиот терен преку кој треба да се изгради гасоводот, но не наведе конкретни податоци.

Исто така, сè уште не е јасно кој ќе го гради гасоводот.

Кремљ соопшти дека за време на разговорите со кинеската страна биле потпишани 22 договори, вклучително и договор за стратешка соработка меѓу „Газпром“ и Кинеската национална нафтена корпорација (CNPC), но не беа објавени дополнителни детали.

Русија веќе е најголем снабдувач на Кина со гас преку гасоводи и трет најголем испорачувач на течен природен гас (LNG), по Австралија и Катар.

„Газпром“ моментално испорачува природен гас во Кина преку гасоводот „Моќта на Сибир“, долг 3.000 километри, кој беше пуштен во употреба во 2019 година како дел од 30-годишен договор вреден 400 милијарди долари.

Видете и ова: Моди: Индија е посветена на подобрување на односите со Кина

Путин и други светски лидери моментално престојуваат во Пекинг за да присуствуваат на воената парада на 3 септември, со која се одбележува 80-годишнината од поразот на Јапонија во Втората светска војна.

Парадата и собирот на лидерите се одржуваат во неделата на интензивна дипломатија за претседателот Си, кој исто така беше домаќин на повеќе од 20 високи функционери на самитот на Шангајската организација за соработка во Тијанџин, каде што се обиде да ја претстави Кина како алтернативен глобален лидер во однос на Соединетите Американски Држави.