По повод десет месеци од трагедијата што се случи на 1 ноември во Нови Сад, студенти и граѓани денеска (1 септември) во неколку српски градови им оддадоа почит на 16-те лица кои загинаа при уривањето на настрешницата на главната железничка станица во градот.
Во точно време кога се случи трагедијата, 11:52 часот, се одржаа комеморативни собири кај зградата на Железничката станица во Нови Сад, на булеварот „Крал Александар“ во Белград, како и во Ниш и Краљево.
Наасобраните граѓани носеа транспаренти на кои пишуваше: „11:52, Нови Сад последна станица! Не смееме да им простиме на виновните“, „Да не се повтори“, „Сите ќе бидете одговорни“.
Тие, исто така, во рацете држеа цвеќиња и транспаренти со крвави дланки, кои се симбол на протестите во Србија.
Комеморативни собири одржаа и граѓани во Чачак, Параќин и Нови Пазар.
Во изминатите десет месеци, во Србија постојано се одржуваат студентски и граѓански протести, со кои се бара да бидат казнети одговорните за смртта на 16 лица и тешко повреденото едно лице во трагедијата во Нови Сад.
Видете и ова: Вучиќ ги пoвика претставниците на демонстрантите на јавна дебата, тие одбија додека не се распишат избориНа 1 август, српското Обвинителство за организиран криминал објави дека уапсило 11 лица осомничени за корупција во врска со проектот за модернизација на пругата од Нови Сад до унгарската граница. Дел од тој проект беше и реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.
Покрај поранешниот министер за градежништво Томислав Момировиќ, кој беше уапсен на 1 август, во случајот е опфатен уште еден поранешен министер, Горан Весиќ, кој моментално е на болничко лекување.
Сите уапсени се осомничени за злоупотреба на службената должност.
Според Обвинителството, апсењата се резултат на сработеното од страна на Работната група за истражување на финансиските текови поврзани со проектот за модернизација на железницата од Нови Сад до унгарската граница.
Главната железничка станица во Нови Сад беше отворена во јули 2024 година, по тригодишна реконструкција.