ГПС навигациските системи на аеродромот во бугарскиот град Пловдив бил мета на напади за блокирање, а сомнежите се дека тие доаѓале од Русија, соопшти Бугарија на 1 септември. Со ваквите попречувања бил „неутрализиран“ контактот со авионот во кој се наоѓала претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, додека се подготвувал за слетување на аеродромот во Пловдив за време на изминатиот викенд.
Во соопштение до јавноста, Владата во Софија наведе дека контролната кула на аеродромот го изгубила ГПС сигналот со авионот, кој безбедно слетал користејќи помагала за копнена навигација кои не зависат од овој систем.
„Имало неутрализација на сателитскиот сигнал што обезбедувал информации до ГПС навигацискиот систем на авионот. За време на приближувањето кон слетувањето на аеродромот во Пловдив, ГПС сигналот исчезнал“, соопшти Владата.
Видете и ова: Фон дер Лајен: Европа со американска поддршка работи на рамка за мировни сили во УкраинаСлужбениците на ЕУ го потврдија инцидентот, кој се случил во неделата, велејќи дека „добиле информации од бугарските власти дека се сомневаат оти ова се должи на очигледно руско мешање“.
„Секако, ние сме свесни и донекаде навикнати на заканите и заплашувањата кои се редовна компонента на непријателското однесување на Русија“, изјави Аријана Подеста, заменик-главна портпаролка на Европската комисија.
Руските претставници не коментираа јавно за обвинувањата.
Фон дер Лајен, гласен критичар на рускиот претседател Владимир Путин и инвазијата на Москва во Украина, е на четиридневна турнеја низ земјите од ЕУ што граничат со Русија и Белорусија, цврст сојузник на Кремљ.
Подеста рече дека инцидентот „ја нагласува итноста на мисијата што претседателката ја спроведува во земјите-членки на фронтот“.
„Секако, ова само дополнително ќе ја зајакне нашата непоколеблива посветеност на зајакнување на одбранбените капацитети и поддршка на Украина“, додаде таа.