Европските сојузници на Киев работат на „доста прецизни планови“ и „јасна патоказна мапа“ за можно распоредување трупи во Украина доколку се постигне мировен договор меѓу Киев и Москва - изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Фон дер Лајен, во коментари објавени во „Фајненшл тајмс“ на 31 август, додаде дека секое такво вложување би имало целосна поддршка од САД, кои во изминатата година се колебаа околу можноста за учество.
„Безбедносните гаранции се од најголемо значење и апсолутно клучни. Имаме јасна патоказна мапа и имавме договор во Белата куќа... и оваа работа напредува многу добро“, изјави фон дер Лајен за ФТ.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски инсистираше на силни безбедносни гаранции од западните сојузници, особено од САД, како дел од каков било договор за прекин на огнот со Русите, кои досега не покажале никакви знаци дека бараат мировен договор.
Видете и ова: Руските напади врз Украина продолжуваат, погодени се објекти во ОдесаФон дер Лајен за време на викендот ги посети земјите членки на ЕУ кои се во близина на Русија, фокусирајќи се на напорите за зголемување на националните одбранбени трошоци и воената подготвеност. Таа изјави дека европските лидери работат на рамка за „распоредување на мултинационални трупи и поддршка од Американците“.
„Претседателот [Доналд] Трамп нè увери дека ќе има американско присуство како дел од безбедносниот механизам. Тоа беше многу јасно и повеќепати потврдено“, додаде таа.
Европските лидери разговарале за можноста за испраќање на десетици илјади војници доколку се постигне мировен договор. Американските сили наводно би обезбедиле команда и контрола, разузнавачки и надзорни ресурси, но не и копнени трупи.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика европските лидери во Париз на 4 септември за да одржат разговори на високо ниво, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на три дипломатски извори.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и Фон дер Лајен се меѓу оние чие присуство се очекува, се наведува во извештајот.
Мерц, во интервју за германската телевизиска куќа ZDF, предупреди дека војната сè уште може да трае подолг период, но дека нејзиното брзо завршување на штета на Украина не е опција.
„Се обидуваме да го завршиме тоа што е можно побрзо. Но, сигурно не по цена на капитулација на Украина. Војната би можела да заврши утре ако Украина се предаде и ја изгуби својата независност,“ изјави Мерц.
Видете и ова: Зеленски бара нов состанок со САД и ЕУ, додека се интезивираат руските нападиТрамп го направи завршувањето на војната во Украина, која започна со руската инвазија во февруари 2022 година, главен приоритет на својата администрација.
Сè повеќе е фрустриран од одбивањето на рускиот претседател, Владимир Путин да се сретне со Зеленски и од континуираната руска кампања на масовни воздушни напади врз украински цивилни цели.
„Путин не се променил. Тој е предатор,“ изјави фон дер Лајен. „(Трамп) сака мир, а Путин не доаѓа на преговарачка маса... Тој има негативно искуство со Путин, и сè повеќе Путин не го прави тоа што го вели.“
Додека политичарите разговараа, насилството продолжи и на бојното поле – Русија на 31 август ги продолжи своите немилосрдни воздушни напади врз Украина, погодувајќи енергетски постројки во најмалку два региона и цели низ други локации низ земјата.
Како одговор, Зеленски изјави дека Украина ќе продолжи да се брани на својата територија и ќе изведува удари со долг дострел врз цели во Русија.
„Ќе ги продолжиме нашите активни операции токму на начинот што е потребен за одбраната на Украина. Силите и ресурсите се подготвени. Планирани се и нови длабоки удари,“ напиша Зеленски на 31 август на мрежата Икс (Х), откако доби извештај за ситуацијата од украинскиот врховен командант, генерал Олександар Сирски.