Во наредните шест месеци, жителите во Србија ќе плаќаат пониски цени за над 20 илјади производи од 23 категории. На 1 септмври ќе стапи во сила нова владина Уредба со која државата ги ограничува маржите до 20 проценти за маркетите кои лани имале приход поголем од 38 милиони евра. Според податоците од српските институции тоа значи дека сите трговски синџири ќе треба да ги применуваат тие мерки, затоа што го надминале тој лимит, а некои од нив лани имале и профоте на милијарда евра.
Српскиот министер финансии Синиша Мали, изјави дека од утре,очекува намалување на прехранбените производи за 10 до 20 проценти во просек.
„Важно е да не станува збор само за неколку производи, туку за целиот асортиман на храна што сите ја купуваме секој ден“, рече Мали во интервју за весникот Курир.
Тој изјави дека анализата утврдила дека цените на прехранбените производи, безалкохолните пијалоци и сличните производи во голема мера го диктираат нивото на инфлација и дека тоа мора да се ограничи.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и министерката за трговија на Србија, Јагода Лазаревиќ, објавија дека морала да се дополнува Уредбата бидејќи одредени трговски синџири се обиделе да најдат начин да ги заобиколат новите правила.
„Прерано почнаа со трикови. Мислат дека се доволно мудри за да ја измамат државата“, изјави Вучиќ, коментирајќи ги реакциите на малопродажните синџири на ограничените маржи.
Како што објасни Вучиќ, трговците барале од добавувачите да ги зголемат цените за 14 до 20 проценти пред да стапи во сила Уредбата, а разликата подоцна да ја вратат преку попусти. На тој начин, трговците би ја пресметале маржата на новата, вештачки зголемена цена и би ги избегнале потенцијалните загуби што можат да настанат поради Уредбата. Во исто време, на тој начин формално би ги исполниле барањата, но со иста заработка како и претходно.
Министерката Лазаревиќ рече дека сите во Министерството „биле шокирани“ што на денот на усвојувањето на Уредбата за посебни услови за вршење трговија за одреден вид стока, некои трговски синџири „започнале со сериозен притисок врз своите добавувачи“, инсистирајќи на склучување анекс на договорот, за да направат одредени корекции, и тоа пред да стапи во сила Уредбата.
Како што објави Министерството за трговија по вонредната седница на Владата на Србија, промените го ограничија попустот за логистика и другите надоместоци. Така, Уредбата за посебни услови за вршење трговија за одреден вид стока сега содржи одредби со кои се ограничува „логистичкиот рабат“ и „надоместокот за недостиг на стока и отпис на стока“ на три и еден процент, соодветно.