Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска (29 август)побара што поскоро конституирање на Собранието и формирање на новата Влада на Косово. Таа оцени дека секое одложување на конституирањето на институциите е „изгубен ден за Косово, за народот на Косово и евроатлантската перспектива“.
„Се надевам дека ќе се најде решение во согласност со Уставот“, изјави Османи откако положи венци на Споменикот на исчезнатите лица.
По 57 обиди, косовското собрание, со 73 гласа го избра претставникот на Самоопределување, Димал Баша, за претседател на Парламентот, како и тројца потпретседатели од албанските партии - Аљбулена Хаџи од Самоопределување, Влора Читака од Демократската партија на Косово и Кујтим Шала од Демократскиот сојуз на Косово.
Видете и ова: Димал Баша избран за претседател на косовското собрание, деблокиран процесот за избор на нова владаЕмилија Реџепи беше избрана за потпретседател на парламентот од малцинските несрпски заедници, додека нов застој се случи за време на гласањето за кандидатот за потпретседател од редовите на српската заедница.
Во последната фаза од конституирањето на Собранието - изборот на потпретседател од редовите на српската заедница, останаа двајца членови на Српската листа, Игор Симиќ и Милјана Николиќ, и членот на Независната либерална партија, Ненад Рашиќ.
На прашањето за одвоеното гласање за потпретседателите на парламентот од редовите на малцинските заедници, Османи рече дека не сака да дава уставни толкувања за таа ситуација.
Таквото гласање предизвика сомнежи дека можеби е прекршен Уставот, бидејќи во минатото тие беа избирани во еден пакет.
Ставот дека е прекршен Уставот на Косово го изразија пратеници од поранешните опозициски партии, како и експерти за уставно право и невладини организации кои се занимаваат со правни прашања.