Израел бара од глобален мониторинг за глад да ја повлече проценката во која се наведува дека градот Газа и околните области страдаат од глад и дека тој веројатно ќе се прошири, отфрлајќи го извештајот како „длабоко погрешен“.
Реакцијата на Израел е откако Интегрираната класификација на фази на безбедност на храната (IPC) - глобална иницијатива на агенциите на Обединетите нации што работи на идентификување на состојбите со глад соопшти дека 514.000 луѓе, или близу една четвртина од Палестинците во Газа, се соочуваат со глад, а бројот се очекува да се зголеми на 641.000 до крајот на септември.
Речиси две години по почетокот на војната во Газа, Израел постојано ги отфрла ваквите наоди како лажни и пристрасни во корист на палестинската милитантна група Хамас.
„Извештајот е длабоко погрешен, непрофесионален и сериозно ги пропушта стандардите што се очекуваат од меѓународно тело на кое му е доверена толку сериозна одговорност“, напиша Генералниот директор на израелското Министерството за надворешни работи, Еден Бар Тал до IPC.
IPC немаше коментар за израелското писмо.
Министерството за здравство на Газа на 27 август соопшти дека уште 10 лица починале од неухранетост и глад, со што бројот на смртни случаи од такви причини се зголеми на 313 лица, вклучувајќи 119 деца, од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година.
Во Глобалната иницијатива за идентификување на состојбата со глад учествуваат 21 група за помош, агенции на ОН и регионални организации финансирани од Велика Британија, Канада, Европската Унија и Германија.
Иницијативата регистрираше глад четири пати во минатото - во Сомалија во 2011 година, во Јужен Судан во 2017 и 2020 година и во Судан во 2024 година.
Повеќе европски влади и меѓународни организации го повикаа Израел да дозволи поголем пристап до хуманитарна помош во Газа.