Папата го повикува Израел да ја запре војната и „колективното казнување“ на Палестинците во Газа

Папата Лав XIV

Папата Лав XIV побара Израел да го запре „колективното казнување“ и присилното раселување на Палестинците во Газа, додека апелираше за итно и трајно прекинување на огнот на опколената територија, во услови на израелски подготовки за нова воена офанзива.

Папата двапати беше прекинат од аплауз додека гласно го читаше својот последен апел за крај на 22 месечната војна за време на неговата неделна општа аудиенција на која присуствуваа илјадници луѓе во ватиканскиот аудиториум.

Првиот американски папа во историјата, исто така, повика на ослободување на заложниците земени од Хамас, кого САД и ЕУ го означија како терористичка организација, во јужен Израел - од кои 50 се уште се во Газа - и двете страни и меѓународните сили да ја прекинат војната „која предизвика толку многу терор, уништување и смрт“, објави агенцијата АП.

„Барам да се постигне трајно прекинување на огнот, безбедно да се обезбеди хуманитарна помош и целосно да се почитува хуманитарното право“, рече Папата.

Видете и ова: Газа официјално гладува, вели глобален монитор за глад

Тој рече дека меѓународното право наметнува обврска за заштита на цивилите и „забранува колективно казнување, неселективна употреба на сила и присилно раселување на населението“.

Палестинците во Газа се подготвуваат за проширена офанзива што Израел ја вети во некои од најнаселените области на територијата, вклучувајќи го и градот Газа, каде е документиран и прогласен глад.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе почне офанзива во градот Газа, а воедно ќе бара и прекин на огнот, иако Израел сè уште не испратил преговарачки тим за да го разгледа предлогот што е на маса. Тој рече дека офанзивата е најдобриот начин да се ослаби Хамас и да се вратат заложниците, но семејствата на заложниците и нивните поддржувачи се спротивставија на тоа, велејќи дека тоа дополнително ќе ги загрози.

Хамас зеде 251 заложник на 7 октомври 2023 година, во напад во кој загинаа околу 1.200 луѓе и ја предизвика војната. Повеќето од заложниците беа ослободени според претходните прекини на огнот или други договори. Од 50 што се уште се во Газа, израелските власти веруваат дека околу 20 се уште се живи.

Нетанјаху изјави дека населението на Газа треба да се пресели во други земји преку она што неговата влада го опиша како доброволна емиграција.

Групите за човекови права се спротивставија, а Палестинците стравуваат дека дури и ако привремено заминат за да избегнат војна, Израел никогаш нема да им дозволи да се вратат.