ДЗР: Одложувањето на законот за климатска акција негативно влијае на справувањето со климатските промени

илустрација

Оддолжувањето на постапката за донесување на законот за климатска акција, што трае повеќе од пет години, има негативно влијание во институционален систем, координација и комуникација меѓу институциите вклучени во процесот на климатски промени, оценува Државниот завод за ревизија во најновиот извештај за подготвеноста на државава за справување со климатските промени.

„Надлежните органи во државата потребно е да преземат дополните мерки и активности за справување со климатските промени поради тоа што меѓу другото отсуствува јасно дефинирана структурна поставеност, координација и комуникација меѓу инволвираните страни во процесот на климатски промени, а Национален план за адаптација на климатските промени не е донесен“, наведуваат ревизорите.

Во однос на управувањето со климатските промени, ревизорите оценуваат дека постојното законодавство од областа на животната средина, иако регулира одредени прашања поврзани со климатските промени, сепак тоа не е доволно да се воспостави систем со кој државата ќе управува со климатските промени.

Меѓудругото, се посочува и дека поради слабите административни капацитети, не е обезбедена ниту единствена база на податоци потребна за изготвување и ажурирање на Националниот инвентар на стакленички гасови којшто со помош на меѓународни проекти последен пат е изработен во 2019 година. Тоа значи дека во последните пет години државата нема податоци за емисии на стакленички гасови.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Како климатските промени предизвикуваат екстремни временски непогоди

Во однос на финансирање на климатските промени, во Долгорочната стратегија за климатска акција, предвидено е дека за реализација на политиките и мерките за периодот од 2020-2050 година ќе бидат потребни капитални инвестиции во висина од 35 милијарди евра и трошоци во енергетскиот сектор од 121 милијарда евра.

„Имајќи во предвид дека сѐ уште нема законска основа, во Буџетот на државата не е воспоставен систем за климатско означување на проектите релевантни или поврзани со климатски промени поради што државата не располага со релевантни податоци за финансиските средства наменети за климатски промени. Во периодот од 2020-2024 година не се изготвени двогодишни извештаи со кои државата има меѓународна обврска да известува за искористените средства од домашниот буџет, буџетите на единиците на локалната самоуправа, како и средства од меѓународни фондови и институции и приватниот сектор“, наведуваат ревизорите.

Од ДЗР посочуваа дека државата нема национален план за адаптација на климатските промени, но дел од секторските стратегии предвидуваат мерки и политики за адаптација.