За Зеленски разговорите со Путин се сѐ уште најефикасниот начин за постигнување мировен договор

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека средбата со рускиот претседател Владимир Путин би била „најефикасниот пат напред“ и покрај застојот во напорите за прекин на конфликтот и континуираните напади со беспилотни летала од двете страни.

Зборувајќи на 24 август на церемонијата по повод Денот на независноста на земјата, Зеленски вети дека ќе „ја турка Русија кон мир“.

Порано на 24 август, Врховниот командант на Украина изјави дека повторно освоиле три села во регионот Донецк и дека Украина започнала напади со беспилотни летала против Русија, предизвикувајќи пожар во нуклеарна централа кој брзо бил изгаснат.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, рано на 25 август изјави дека руските единици за воздушна одбрана уништиле две беспилотни летала што летале кон рускиот главен град. Тој рече дека службите за итни случаи работат на местото каде што паднале остатоците.

Руски напад доцна во ноќта на 24 август остави некои населби во регионот Суми без електрична енергија, рече шефот на регионалната воена администрација. Руските војници, исто така, нападнале цивилна инфраструктура во регионот користејќи водени бомби и дронови за напад, рече функционерот. Немаше жртви.

Видете и ова: Додека Украина го одбележува Денот на независноста, Русија продолжува да ги замаглува изгледите за мир

Нападите со беспилотни летала и копнените борби продолжија и покрај притисокот на американскиот претседател Доналд Трамп да посредува во самит Украина-Русија, кој пропадна откако Трамп го угости Путин на самит во Анкориџ, Алјаска, на 15 август.

Зеленски рече дека „форматот на разговори меѓу лидерите е најефикасниот пат напред“, но рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров постави нова пречка за тоа, за време на интервју за американската телевизија NBC.

„Реакцијата на состанокот во Анкориџ, собирањето на овие европски претставници во Вашингтон и она што го направија по Вашингтон укажува дека тие не сакаат мир“, рече Лавров во претходно снимено интервју.

Тој додаде дека постојаните членки на Советот за безбедност на ОН - Кина, Франција, Русија, Велика Британија и Соединетите Држави - треба да бидат гаранти на безбедноста на Украина. Киев и другите сојузници досега ја отфрлија идејата Москва да биде меѓу безбедносните гаранти на мировниот договор, а Зеленски ја отфрли можноста Пекинг да игра улога.

Канадскиот премиер Марк Карни, кој го посети Киев на 24 август, изјави дека „не е избор на Русија како да го гарантира идниот суверенитет, независност и слобода на Украина“.

Карни, исто така, рече дека не ја исклучува можноста за присуство на канадски трупи во Украина како дел од идните предложени безбедносни гаранции, чии детали сè уште ги разработуваат Киев и неговите европски сојузници.

Видете и ова: „Скандалозни“ сигнали од Русија, Зеленски бара брз безбедносен план

Русија постојано се спротивставува на стационирањето на западните трупи во Украина.

Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, исто така, разговараше со американскиот радиодифузер NBC на 24 август, велејќи дека Русија направила „значајни отстапки“ за да го заврши конфликтот.

„Тие всушност беа спремни да бидат флексибилни во однос на некои од нивните клучни барања. Разговараа за тоа што ќе биде потребно за да се заврши војната“, рече Венс во едно интервју.

Венс рече дека Москва признала „дека Украина ќе има територијален интегритет по војната“ и дека „сфатиле дека нема да можат да воспостават марионетски режим во Киев“.

Во својот говор на церемонијата по повод годишнината од независноста на Украина во 1991 година, Зеленски рече дека САД и Европа се согласуваат дека Украина „сè уште не победила целосно, но сигурно нема да изгуби. Украина ја обезбеди својата независност“, рече тој.