Денеска (23 август) во Кочани по деветнаесетти пат се одржа протестен „Марш на ангелите“. Родителите на младите чии животи згаснаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ порачаа дека „оваа трагедија не е само црна хроника во вести и не е статистичка бројка“.
„Тоа се 62 згаснати животи, 62 семејства во црнина, 62 иднини украдени за миг“, истакнаа родителите.
Поворката од родители и нивните поддржувачи ја поминаа предвидената маршута - од Паркот на револуцијата, Трговскиот центар и зградата на Општина Кочани, Управата за јавни прихдои, зградата на полицијата, па се до Основниот суд од каде побараа овој случај да добие епилог, да не се заташка и заборави.
-Ако институциите дозволат оваа трагедија да заврши во тишина, ако не ја исполнат својата должност, тогаш испраќаат порака дека животот на нашите деца не значел ништо, а тоа ќе значи втора неправда, уште поголема и по тешка од првата, порачаа тие.
Видете и ова: Повредените од пожарот во Кочани повторно ќе добијат компресивна облека обезбедена со донацииСемејствата на загинатите, како што самите рекоа, не бараат од државата сочувство и празни зборови, туку вистинска, целосна и праведна разрешница.
-Секој што носи одговорност без разлика на функцијата, позицијата или моќта мора да биде изведен пред лицето на правдата, затоа што човековиот живот нема цена, а нашите загуби немаат замена, истакнаа на маршот.
Родителите го завршија маршот онаму од каде што тој и почна - во Паркот на револуцијата во Кочани, со себе носејќи фотографии од своите деца и транспаренти со пораки што постојано ги упатуваат до истите институции.
Во пожарот што се случи на 16 март годинава, животот го загубија 62 лица помеѓу кои шест деца, а над 200 беа повредени.